Министрите Ставрески и Јанкулоска засадија дрвца на локалитетот Мршевци
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, придружувани од иницијативниот одбор на акцијата „Ден на дрвото“, градоначалници и естрадни уметници, денеска засадија дрвца на локалитетот Мршевци во Општина Илинден, во рамки на осмата акција Ден на дрвото - засади ја својата иднина“.
- Акцијата е позитивна иницијатива која сама по себе не значи само поубава, позелена и поздрава животна средина, туку е и иницијатива која значи подигање на свеста, заедничка работа и учество во проект во кој секој може да придонесе на свој начин, изјави министерката Јанкулоска.
Според оценката на здружението Ден на дрвото и локалното население, истакна Јанкулоска, акцијата во најголем дел е успешна и тоа е причина повеќе да ја повторуваме секоја година и масовно да учествуваме во неа.
Денеска на околу 400 различни локации е планирано да бидат засадени околу 5,7 милиони дрвца, а заедно со претходните седум акции, посочи министерката, се достигнува бројот од 44 милиони садници. Целта е да имаме што е можно позелена Македонија и поздрава средина за живот за сите граѓани, наведе Јанкулоска.
Таа и вицепремиерот Ставрески воедно се потпишаа на „Писмото на љубовта, почитта и пријателството - засади мир, пријателство и љубов“, водечки настан на кампањата на овогодишната акција за пошумување. Писмото, според организацискиот одбор на акцијата, меѓу другото е силна порака да не се дозволи обезименување и таква неправда да не биде нанесена никому.
Според Кристина Николовска, шеф на кампањата за акцијата, денешните активности се празник и на природата и на сите граѓани.
- По осми пат сите заедно садат толкава бројка садници. Праќаме универзална порака за мир, пријателство, добрососедство, човечност,.. Немаме од што да се срамиме, големи сме и денеска покажавме дека сме заедно и имаме со што да се гордееме, изјави Николовска.
Во однос на поврзаноста на потписите што се собираат против обезименувањето и акцијата за пошумување, Николовска оцени дека пораката е многу длабока и универзална.
- Пораката е дека во годината на дрвото праќаме општа човечка космополитска порака дека немаме од што да се срамиме, големи сме, силни сме. Правото за потпишување е демократско право да се потпише на таа тетратка и на било што, но нашите потписи ќе останат онаму каде се нашите срца. Тоа е наш интимен чин ако го направиме, а овој заеднички чин е поголем од се. Денеска сме заедно и праќаме универзална порака. изјави Николова.
Во рамки на денешната акција се очекува да бидат засадени над 50 проценти од планираните 5,7 милиони садници, а останатите ќе ги засадат екипи на Јавното претпријатие „Македонски шуми“. Се пошумува претежно на локалитети каде минатите акции немало успех, а проценките за тоа ги прави шумарскиот инспекторат.
Успешноста на пролетната акција годинава кога беа посадени три милиони садници е 50 проценти, а на сите досега спроведени акции 65 проценти, информира директорот на ЈП „Македонски шуми“ Жарко Караџоски.
- Вкупно успешноста на досега пошумените 38 милиони садници е 65 проценти. Тоа е одличен процент на зафатеност, според европските стадарди за успешност на ваква акција се смета се што е над 35 проценти. Задоволни сме што акцијата се прифати кај граѓаните со добар одзив. Она што денеска го пошумуваме и на овој локалитет и на другите се токму оние каде претходно немаше успешност. Тоа го правиме со решение на инспекторатот. Независно од процентот редовно ќе пошумуваме се додека не биде успешно и последното гранче дрво, изјави Караџоски.