Во Битола засадени 40.000 дрвца и собрани 8.000 потписи со поддршка на еко-акцијата
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски, градоначалниците на трите пелагониски општини, ректорот Златко Жоглев заедно со претставници на повеќе институции, здруженија на граѓани и ученици, денеска во месноста „Бел камен“ ја реализираа традиционалната еко-акција на засадување млади дрвца во околината на Битола.
За време на денешната акција беа засадени стебленца со бел бор, црн бор и костен, а воедно околу 8.000 учесници во акцијата го дадоа својот потпис со поддршка на овој хуман еко проект.
- Апелираме до секого да придонесува во заштитата на планетата бидејќи од глобалното затоплување најмногу страда нашата планета, истакна министерот Ивановски.
Заменик министерот Коњановски потенцира дека оваа акција е нешто најдобро што од еколошки аспект му се случува на Република Македонија и затоа Владата дава поддршка за овој проект.
- Сметам дека акциите за засадување но и за зачувување на шумскиот ресурс треба да продолжат, рече Коњановски.
Подготовката на 20-те хектари за засадување на млади дрвца ја изврши ЈП „Македонски шуми“-подружница во Битола од каде информираат дека временсите услови за реализација на акцијата биле погодни со што се очекува брзо зарастување на секое стебленце.