Средби на владиниот тим во Сименс и БМВ

 

Условите што ги нуди Македонија за инвестирање и почнување бизнис, премиерот Груевски и владината делегација во Германија ја претставија пред раководството во „Сименс“ и БМВ.

На средбите во овие две германски компании е дискутирано за нивните инестициски планови и се презентирани реформите што се преземаат во Македонија со цел фирмите да почнат процес на подетална анализа.

Покрај средбите во „Сименс“ и БМВ, владиниот тим ќе се сретне и со претставниците на неколку компании од автомобилската индустрија со кои разговорите за нивно инвестирање во Македонија е во напредна фаза. Средбите ќе бидат искористени за засилување на процесите за носење конечна одлука за инвестирање во Македонија.

Можностите и поволностите за инвестирање владиниот тим ќе ги претстави и на Македонско-германскиот бизнис форум во Минхен пред 60-тина компании од различни области, главно од Баварија. Како целни сектори каде се очекува влез на германски капитал се инвестиции во производството на автомобилски компоненти, информатичко-комуникациска технологија, земјоделство и преработка на храна, бизнис услуги, фармацевтска индустрија и медицински помагала, енергетика и обновливи извори на енергија, туризам, градежништво и инфраструктура.

Германските директни инвестиции заклучно со 2010 година изнесуваат 71.370.000 евра или 2,98 отсто од вкупните странски директни инвестиции во Македонија. Годинава инвестирани се 0,11 милиони евра. Најголемиот дел влезот на капиталот е остварен преку приватизација и пост приватизација главно во текстилната индустрија, металопреработувачката индустрија и во транспортот.

Германија е еден од најзначајните трговски партнери на Македонија и во 2010 и од почетокот на оваа година таа е на прво место на листата со кои Македонија остварува најголем обем на трговска размена. Вкупната размена годинава е 1.110.150.000 американски долари, со суфицит на македонска страна. Најмногу извезуваме катализатори на носачи со благородни метали, машинки и апарати за филтрирање и пречистување течности или гасови, текстилни производи, фероникел, вино од свежо грозје..., а увезуваме моторни возила, хемиски производи и деривати, ќерамички производи, рентген апарати за медицинска намена, ...

Инвестициските можности на Македонија ќе бидат претставени и на Бизнис форум во Дизелдорф. За врме на престојот во Германија премиерот Груевски се сретна со министерот за европски интеграции на Баварија Емилија Милер, а утре ќе има средби и со директорот на Источноевропскиот комитет за економска соработка Рајнер Линднер.

Премиерот Груевски е придружуван од вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот без ресор Веле Самак, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Фида и директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо.