Промовирани првите две книги од едицијата „Македонски дејци“

По повод Денот на македонската револуционерна борба и 120 години од основањето на Македонската револуционерна организација, Министерството за образование и наука денеска промовираше нова едиција „Македонски дејци“ и првите две нејзини книги посветени на двајца револуционери - Христо Чернопеев и Георги Кулишев.

За двете изданија и архивските истражувања за нив  Министерството за образование и наука  обезбеди околу половина милион денари. Автори се проф. д-р Никола Жежов од Институтот за национална историја и доц. д-р Мирјана Нинчовска од Музејот на Македонија.  

Целта на едицијата, во која се планирани книги за уште 30-ина личности од македонската историја, е да го расветли делото, придонесот и стремежот на некои македонски дејци за македонска држава, кои од разни причини останале помалку познати во јавноста.  Како што рече министерот Спиро Ристовски промовирајќи го проектот - целта е да се одгатнат заблудите што постојат за некои револуционери и да се промени свеста и верувањата кај дел од македонската јавност за улогата на некои  од нив  кои во минатото биле прогласувани за предавници и непријатели на Македонија и на македонскиот народ.

- Убеден сум дека мал дел од македонската јавност знае кој е Христо Чернопеев, мал дел од македонската јавност знае кој е Георги Кулишев и колкав е нивниот придонес за создавањето на независна Македонија. Двете изданија, преку нивните лични дневници, спомени, но и документи одблизу ни ги претставуваат сториите за нивните животи и дела, но не она што на сите нам ни е познато, туку она што некој намерно или ненамерно го затскривал. Интерпретиран е дел од македонската историја без каква било цензура, во кој прикажани се дејствијата на револуционерите, но и влијанијата од надвор, кои сепак не биле доволно силни за да ги оттргнат од основната идеја за создавањето самостојна македонска држава, рече Ристовски.

Проф. Жежов изјави дека со соработничката Нинчовска ги истражувале архивите на соседните земји, пред се во Србија и Бугарија, и дека собраните факти објавени во книгите  се преземени  лични писма, спомени, документи  и дневници на Кулишев и Чернопеев.

- Ова се првите две книги. Го поздравувам проектот на МОН бидејќи сметам дека ќе ја збогатиме и ќе дообјасниме некои непознати настани од македонската историја, кои можеби биле табу-теми или биле вешто затскривани, пред се од идеолошки причини. Планираме да го продолжиме проектот и сме во подготвителна фаза за трета книга. Засега името на тој деец и револуционер нека биде мала тајна но ќе биде исклучително интересна зашто за него нема воопшто пишувано или многу малку во македонската историографија, изјави Жежов.

Во воведното обраќање на промоцијата, Валентина Божиновска, претседателка на Комисијата за односи меѓу верските заедници во Македонија, посочи дека авторите ја откриле улогата на Кулишев во Организацијата во моментот на поделба на оние кои биле на страната на Александар Протуѓеров и на страната на Иван Михајлов. Кулишев го одгатнал целото дело на Михајлов, дека подготвувал атентат и дека понатам се ќе се решава со борба и со убиство од зад грб.

Чернопеев бил член во Централниот комитет на ВМРО и во високите кругови на Организацијата. Учествувавал во Балканските војни како војвода на чета, ги ослободил Разлог, Банско, Неврокоп, Кавала, дејствувал во радовишкиот, струмичкиот и во малешевскиот регион. Станал и командир на Втората партизанска чета, бил одликуван со Орден на храброста од трет ред и го загубил животот во Првата светска војна.