Министерот Јанакиески ја посети општината Кривогаштани

По повод празникот 23 Октомври -Денот на македонската револуционерна борба, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска ја посети општината Кривогаштани, каде во завршна фаза е проектот за канализациска мрежа.

Проектот е во завршна фаза, а работите целосно ќе се заокружат идниот месец со што целото населено место Кривогаштани ќе биде опфатено со канализациска мрежа во должина од 600 метри.

Јанакиески нагласи дека инвестицијата е вредна 4 милиони денари и дека ова е еден од проектите кој се реализира со помош на Европската инвестициона банка.

Министерот за транспорт и врски го посети и селото Пашино Рувци, каде пред еден месец заврши изградбата на локалниот пат во должина од 1,3 километар. Патот е изграден со поддршка на Владата, при што беа инвестирани 6 милиони денари.

За време на посетата Јанакиески разговараше со локалните власти за изградбата на локалниот пат до населеното место Воѓани, како и за Деталниот урбанистички план за индустриска зона која треба да биде  отворена во селото Славеј, на 30 хектари. Во зоната ќе има градежни парцели, откупни пазари на земјоделски производи и преработувачки капацитети.

Јанакиески е задоволен како се одвива изградбата на локалната и регионалната патна мрежа во земјава според програмата на Министерството за транспорт и врски. - Годинава треба да ја завршиме со 6 регионални патни правци. Задоволен сум со динамиката со која се реализираат патните правци. На крајот на годинава ќе дадам отчет што се е изградено, а наредната година ќе биде во знакот на почетокот на градење на автопатски делници и продолжување на изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, изјави Јанакиески.