Пуштена во употреба градинката „Морковче“ во Нова Колонија, скопска Гази Баба

Во населеното место Нова Колонија денеска беше пуштена во употреба  новата Јавна општинска установа за деца „Морковче“, веднаш до ОУ „Његош“, прва новоизградена јавна детска градинка во општина Гази Баба во последните 25 години.

На отворањето на новата градинка присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерот за труд и социјална политка Диме Спасов, градоначалниците на Град Скопје и на општина Гази Баба, Коце Трајановски и Тони Трајковски и голем број жители од ова и соседните населени места.

Груевски информира дека Владата, заедно со Општина Гази Баба се инвестирани 28 милиони денари, за градинката која ќе згрижува околу 80 деца, од Јурумлери, Колонија, Идризово, Дрма, Гоце Делчев, Трубарево, Ергеле и околните насленеи места.

Премиерот на присутните најпрво им го честита 23 Октомври - Денот на македонската револуционерна борба и нагласи дека празникот е симбол на една, како што рече, мачна, но горда генерација Македонци кои живееле во едно тешко време, време во кое Македонија немала слобода, народот живеел во ропство, под постојан терор и голема сиромаштија. Сепак, подвлече меѓу другото, нашиот народ имал една карактеристика - многудетните семејства.

- Денес имаме своја држава, имаме слобода и демократија, мир и безбедност, но за волја на вистината, како и други европски земји се соочуваме со незапирлив пад на наталитетот и намалување на бројот на новороденчиња. Во последните 50 - тина години бројот на новородени деца во Македонија е за два пати намалена и тоа е голем загрижувачки податок, рече Груевски.

Токму затоа, истакна, Владата во континуитет води политики кои имаат за цел да ги поттикнат родителите да имаат што повеќе деца и да ги прошират своите семејства.

- Новите градинки значат нови генерации и подмладување на нацијата. Таков случај имаме и тука во Општина Гази Баба. Веќе 30 години во оваа општина нема изградено нова градинка, а потребата е повеќе од очигледна, нагласи премиерот Груевски. Најави дека во рамки реализација на акциониот план за реконструкција и отворање нови градинки на територијата на цела држава, уште три други градинки се во завршна фаза на изградна, а се планира да бидат пуштени во употреба до крајот на годината. Оваа година, потсети, се издвоени средства за адаптација, проширување и реновиање на дополнителни 15 градинки во руралните средини.

Премиерот Груевски изрази надеж дека владината поддршка на Општина Гази Баба во сите други полиња, како што е изградбата на локалниот пат Идризово до село Дрма, новата училишна сала во ОУ „Крум Тошев“, како и почетокот на изградбата на фекалната канализација во Јурумлери ќе придонесе за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во оваа општина.

Министерот Спасов посочи дека во „Морковче“ ќе функционираат три хетерогени групи, деца до шест годишна возраст. Тој истакна дека Министерството продолжува со осмислување мерки и иницирање проекти наменети за подобрување на статусот на децата во нашата држава.

- Сепак сите ние живееме и создаваме за нашите потомци, така го поврдуваме нашето постоење. Тоа е најсигурна инвестиција во иднината, рече Спасов.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Трајковски информира дека градинката е со вкупна површина од 650 метри квадратни, а објектот е категоријата на енергетско ефикасни објекти со поставена изолација на кровот, ѕидовите и подот, како и со термопан прозори и врати, со што ќе се заштети енергија, а за загревање ќе се користи котел со пелети, кои имаат висок степен на енергетска ефикасност.