Министерството за здравство распиша јавен повик за пет лиценци за ин витро

Министерството за здравство распишува јавен повик за доделување пет лиценци за ин витро, односно за биомедицинско потпомогнато оплодување. Повикот ќе трае 26 дена по што ќе следи јавна аукција. Новоизбраните концесионери ќе склучат договор од 2014 година под исти услови и цени како постојните, соопшти денеска на прес-конференција ресорниот министер Никола Тодоров.

Целта е, како што потенцира Тодоров, да се зајакне мрежата на здравствени установи кои вршат ваква дејност во Република Македонија и да им се помогне на семејствата кои имаат потешкотии по природен пат да добијат деца.

- Во моментов во државата има седум овластени здравствени установи за спроведување на ин витро и заедно со новите пет лиценци ќе се зголеми конкурентноста и осигурениците ќе добијат поголема можност да избираат каде ќе ја извршат оваа услуга, рече Тодоров.

Тој ги повика сите физички лица и здравствените установи кои се заинтересирани за добивање лиценца за ин витро да учествуваат во постапката. Ги охрабри да се пријават здравствените установи и физички лица надвор од Скопје бидејќи засега најголем број установи кои вршат ин витро се во главниот град, како и по една во Битола и во Штип.

Тодоров појасни дека здравствената установа што ќе врши ин витро треба да исполнува услови регулирани со посебен Правилник. Потребни се точно дефиниран простор, опрема и кадар за биохемиска лабораторија, опрема за специјалистичка ординација по гинекологија и акушерство и стручен кадар утврден со Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување.

Во спроведувањето ин витро можат да учествуваат лекар специјалист по гинекологија и акушерство, специјалист по ендокринологија, специјалист по урологија, сите со најмалку пет години работно искуство во оваа област. Земање, тестирање, обработка, чување и дистрибуција може да врши дипломиран биолог со најмалку три години работно искуство во областа или лекар или фарамацевт со посебна дополнителна едукација и соодветна обука за системот на квалитет.

Биомедицинско потпомогнато оплодување се доделува на принцип на ваучер, односно ФЗОМ одобрува, а осигурениците сами одлучуваат каде ќе извршат ин витро. По поднесување на барањето, пропратено со соодветна документација, постапката во ФЗО за граѓаните трае околу 2 недели за добивање на потребниот ваучер.

Министерот Тодоров информира дека од 1 јануари 2014 година ќе почне доделување ваучер за второ дете (повторно до трет обид) со што, како што рече, се очекува зголемен број барања и поголема побарувачка за оваа услуга на товар на ФЗОМ. За наредната година се предвидени 1,5 милион евра за ин витро за второ дете, покрај постојните 1,5 милион евра кои се предвидуваат секоја година за ин витро.

Во Македонија годишно се извршуваат од 750 до 800 илјади биомедицински потпомогнати оплодувања.