МТСП предлага породилното отсуство да се продолжи за три месеци

По завршувањето на деветмесечното породилно отсуство, мајките ќе имаат можност да искористат уште три месеци неплатено отсуство од работа додека детето  наполни три години.

Ова денеска го соопшти министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на отворањето Дисперзирано одделение за социјална заштита во општина Конче.

Се работи за нов предлог со кој, покрај породилното отсуство од работа од девет месеци, право што законски го имаат сите мајки, дополнително да се воведе можност по завршувањето на деветмесечното породилно отсуство да имаат право да искористат уште три месеци неплатено отсуство од работа во целост до тригодишна возраст на детето.

Овој предлог ќе го разгледува Економско-социјалниот совет, ќе се консултираат социјалните партнери и ќе се побара согласност од репрезентативните синдикати и организации на работодавачи.

- Со овој предлог, веруваме дека ќе се придонесе за подобрување на демографскиот развој и за зголемување на наталитетот. Ќе им се даде можност на мајките дополнителни три месеци за полесно да се посветат на своите дечиња во текот на целиот ден, рече Спасов.