Во Железара се гради ново училиште по 48 години

Во населбата Железара во општина Гази Баба  денеска беше поставен камен темелник за изградба на ново  училиште, на локацијата на ОУ „Григор Прличев“, изградено пред 48 години како градба од времен карактер.

Преку кредит од Светска банка општина Гази Баба обезбеди 72.444.954 денари за новата зграда со површина од 2.000 метри квадратни, во која за година и половина ќе треба да учат повеќе од 400 ученици.

На почетокот на градежните активности присуствуваа  вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министрите за внатрешни работи и за образование и наука Гордана Јанкулоска и Спиро Ристовски, и градоначалниците на Скопје  и на Гази Баба Коце Трајановски и Тони Трајковски.

Вицепремиерот Ставрески кој токму во ОУ „Григор Прличев“ ги стекнал првите знаења, истакна дека со изградбата на новото училиште ќе се овозможат подобри услови за учење на учениците и за работа на наставниот кадар.

- Ова училиште со такви услови какви што беше  ми даде извонредно знаење и квалитет за понатаму во животот и тоа е она што е најзначајното, квалитетот на наставничкиот кадар што предава во училиштето и ги учи дечињата, рече Ставрески.

По разговорите со родители од општината и со градоначалникот на Гази Баба, според Ставрески, одлучено е да се најде начин за обезбедување финансии за да се создадат подобри услови за  учениците.  

- Пари секогаш се наоѓаат ако има идеја и ако има потреба. А потребата ја кажавте вие жителите на населбата Железара и на Општина Гази Баба. За сите родители со кои  претходно во разговорите што ги имавме ја искажуваа таа потреба еве дојде денот кога имаме можност да ставиме  камен темелник на УО „Григор Прличев“, да изградиме ново училиште во кое децата ќе  имаат подобри услови и кабинети, наставниците исто така подобри услови за работа, наведе Ставрески.

Капацитетот на училиштето, укажа, во иднина има можност да се зголеми со надградба на уште еден кат, а ќе може да се изгради и спортска сала.

Вицепремиерот Ставрески на свеченоста порача дека нема поголемо богатство од знаењето со кое ќе се стекнат учениците.  Во какви и услови да се учи, ако се сака  да се стекне знаење, ако се учи чесно не со  намера да се добие петка, туку со намера да се научи и да се изградиш во  вистинска личност, ќе успееш. Тоа знаење во текот на  животот кога тогаш ќе ти помогне да успееш. Им порачувам на сите дечиња  и на сите родители секогаш да се борат за тоа децата да научат затоа што тоа е најголемото  богатство што можеме да му го дадеме, рече Ставрески.

Градоначалникот Трајковски нагласи дека новата училишна зграда е од голема важност затоа што последното училиште е изградено  во 1963 година од материјал за времена градба и до денеска функционира во такви услови.

Училиштето, информира, ќе има 12 училници за настава, од кои една за целодневна. Ќе има кабинети за физика и хемија, историја и географија, музичко, уметност и компјутери. Планиран е и простор и за библиотека,  трепезарија со сервисна кујна, машинско оделение со работилница за тековно одржување на објектот.

Проектот, наведе Трајковски, е изготвен по сите современи стандарди, од аспект на енергетска ефикасност, заштита на животната средина и сите можности потребни за непречено функционирање на учениците.