Набавени апарати за мерење и анализи на квалитетот на воздухот

Со апарати за мерења и анализи на квалитетот на амбиентниот воздух првпат ќе се докажува поврзаноста на загадениот воздух и загадувачот, информира денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Постапката за набавка на  два такви апарати, во вредност од 900 илјади денари, е завршена и веднаш по испораката од избраниот набавувач, Институтот и центрите за јавно здравје ќе почнат со мерење на локации што се веќе утврдени.

Потоа во лаборатории ќе се утврдува хемискиот состав на честичките во воздухот и евентуалната поврзаност со локацијата каде ќе биле поставени мерачите. Ќе може да се добијат прецизни резултати за концентрацијата на суспендираните цврсти честички ПМ10 и ПМ2.5, како и за присуството и концентрацијата на одделни штетни супстанци, како тешки метали, полициклични ароматични јаглеводороди, азбест и други.

- Со овие мобилни апарати може да се испитуваат примероци на воздух на различни локалитети посебно во ризични средини, при алармантни состојби, во случаи при евентуално сомневање или укажување за можно загадување на воздухот и др. Навремената анализа, предупредувањето на граѓаните за евентуално позитивните резултати, навремените совети за превенција, ќе придонесат за заштита на здравјето на граѓаните, рече Тодоров.

Според него, државата има регулатива што сериозно ја регулира оваа проблематика, која предвидува сериозни  казни за загадувачите, но, како што рече, досега недостастигаа мобилни  уреди кои можат многу лесно да ја докажат причинско-последичната врска помеѓу  загадувањето и загадувачот.

- Тоа е клучно. Не е значајно само да знаеме дека во некој град и област има загадување. Клучно е да знаеме како резултат на што е тоа загадување,  дали е како резултат на работа на некоја фабрика, топлана, сообраќајот или друг тип активности, рече Тодоров.

Мобилниот мерач тежи 17 килограми и ќе може да се пренесува во возило, мерењето ќе трае 24 часа во сите временски услови. Ќе може да се поставува на секое место за кое надлежните институции се сомневаат дека има извор на загадување.

Квалитетниот и чист воздух, истакна Тодоров, е наш врвен приоритет, имајќи предвид колку битно влијание има врз здравјето на граѓаните.

- Загадениот воздух и присутноста  посебно на ПМ 10  честичките и ПМ 2,5  како и присутноста на тешки метали, штетното влијание на здравјето на граѓаните посебно на ризичните групи, ја зголемува инциденцата на кардиоваскуларни и респираторни заболувања, а по долготрајно изложување  и на малигни  заболувања. Воедно загадениот воздух доведува и до влошување на состојбата на хронично заболените лица од овие заболувања, посебно на лицата со астма, обструктивен бронхит и други, појасни Тодоров.

ПM10 честичките, со дијаметар до 10 микрометри и ПМ честичките со 2,5 микрометри се најчесто споменувани индикатори за загадување на воздухот со потенцијален ефект по здравјето на луѓето и тоа пред се поради својот дијаметар кој им овозможува да дојдат до најситните патишта во белите дробови, но и поради својот специфичен хемиски полнеж кој зависи од изворот на загадување. Последните извештаи на СЗО покажуваат дека кај ракот на белите дробови загадениот воздух има дури и поголема улога од пушењето. 

Министерството за здравство врз основа на резулатите од мерењата на загадувањето, како што најави Тодоров, ќе може да креира и јавно здравствени мерки, од аспект на превенција, соодветно информирање на гараѓаните и начин на заштита и третирање.

Кривичниот закон предвидува повисока казна за причинител  на загадување, доколку загадувањето не може да биде отстрането во подолг временски период. - Не смееме да дозволиме кој било да не труе. Во ред е да се има профит и да функционираат фабриките, но за да функционираат првенствено треба да има луѓе, а здравјето на луѓето е најзначајно, наведе министерот за здравство. 

Член 218 во Кривичниот законик пропишува  казна затвор од четири до десет години за лицето што со непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина ќе загади воздух, почва, вода, водна површина или водотек во поголем обем или на пошироко подрачје и со тоа ќе предизвика опасност за животот или здравјето на луѓето. За службените и одговорните лица во правното лице е пропишана казна затвор од најмалку пет години.