Министерот за надворешни работи, Никола Попоски се сретна со европратеникот Ричард Ховит

Денес Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски оствари средба со известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит, кој престојува во работна посета на нашата земја.    

Посетата на европратеникот Ховит е со цел да се согледа  напредокот во европскиот интегративен процес на Република Македонија, во пресрет на подготовките на наредната Резолуција на Европскиот парламент за Република Македонија, која вообичаено се усвојува по објавувањето на есенскиот Извештај на Европската комисија.

 На средбата Министерот Попоски изрази благодарност за поддршката и конструктивниот пристап на Европскиот парламент и личниот ангажман на европратеникот Ричард Ховит во процесот на пристапување на Република Македонија во Европската Унија, артикулирани преку пораките содржани во неколкуте последователни резолуции за Република Македонија.

Беше разговарано за актуелните односи меѓу Република Македонија и Европската унија и перспективите за отпочнување на преговорите за членство во Европската унија. Во овој контекст, министерот Попоски ја реафирмираше клучната цел на Република Македонија-отпочнување на пристапните преговори со Унијата, без натамошно одлагање.

“Очекуваме дека земјите-членки на Европската унија на Самитот во декември ќе поддржат одлука на Европскиот совет која ќе го трасира патот за отворање на преговорите за пристапување со Македонија за време на претседавањето на Грција со Европската унија во првата половина на 2014г.”, истакна министерот Никола Попоски.

Европратеникот Ричард Ховит позитивно го оцени напредокот на Македонија во исполнувањето на европските стандарди и препорача Македонија да продолжи со реформите во сите области, во насока на надминување на предизвиците со кои се соочува на патот на евроинтеграците. Тој истакна дека отпочнувањето на пристапните преговори ќе има позитивни ефекти за македонските граѓани и ќе влијае врз кредибилитетот на процесот на проширување на Европската унија.