Бесими–Ховит: Да се искористи препораката за почеток на преговори со ЕУ

Препораката за почеток на преговорите е доказ дека Македонија останува во агендата за проширување на Европската унија и претставува шанса за прогрес во интеграцијата кон ЕУ.

Ова на денешната работна средба го констатирале вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими, известувачот на Европскиот парламент за Македонија Ричард Ховит и евроамбасадорот Аиво Орав.

Препораката, според соговорниците, се очекува да влијае позитивно врз реформите за Европската агенда и претставува можност за напредок во однос на отворените прашања со соседите, Грција и Бугарија.

На состанокот, како што информира Секретаријатот за европски прашања, се дискутирало и за препораките кои стојат во Извештајот за напредокот на Република Македонија, во врска со тоа што е можно и реално Македонија да направи до декември пред Советот на Европа со цел да се зајакнат аргументите за добивање на датум за започнување на преговорите со Европска унија.

Важни теми кои биле спомнати се и политичкиот дијалог и имплементацијата на препораките од анкетната комисија, слободата на изразување и дијалогот со новинарите, владеењето на правото и независното судство и добрососедските односи.