Бесими: Македонија е максимално подготвена за членство во НАТО

 

Република Македонија е целосно подготвена, направени се сите реформи согласно НАТО стандардите, вклучувајќи ги тука и мировните мисии и сме максимално подготвени за полноправно членство во Алијансата, потенцира министерот за одбрана Фатмир Бесими, одговарајќи на новинарско прашање какви се очеквуањата од претстојниот НАТО Самит што треба да се одржи во мај идната година во Чикаго, САД.

Тој истакна дека иако главна тема на Самитот ќе биде воведување на новиот концепт на „смарт дифенс“, членството во НАТО останува стратешки приоритет за Министерството за одбрана односно за Република Македонија.

На новинарско прашање дали има билатерални средби и индивидуални ветувања од земји - членки на НАТО за поддршка, Бесими повтори дека граѓаните на Република Македонија треба да бидат сигурни дека ќе се направат максимални ангажмани во сите аспекти, за да може Република Македонија на достоинствен начин да стане полноправна членка.

- Тоа што треба да се знае е дека тоа што е максимален напор од наша страна во овој период веќе се прави и ќе продолжи да се прави, изјави Бесими, денеска по засадувањето дрвца во кругот на МО.