Намалено за еден час времето за превоз со воз долж Коридор 10

Со завршениот ремонт на делниците Куманово-Табановце  и Миравци - Смоквица и отстранувањето на црните точки за еден час е намалено времето за превоз со воз на стока долж коридорот 10.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески со директорот на МЖ Инфраструктура Ирфан Асани денеска извршија увид на преземените активности на пругата Куманово-Табановце, што е обновена по 43 години. За рехабилитација на таа делница, во должина од 12,5 километри, се потрошени 3,5 милиони евра. Завршен е и ремонтот на делницата Миравци- Смоквица.

-  Од влезот на Македонија до излезот кон Грција,  каде претходно просечното времетраење на движење на стоките  беше четири часа и 15 минути, со реконструкција само на двете делници кои веќе се завршени, во должина од скоро 27 километри, времето на движење на возовите за превозот на  стока се скратува за час, изјави Јанакиески.

Движењето во просек ќе биде 3 часа и 15 минути. Претходната просечна  брзина, посочи министерот, беше од 40 до 50 километри на час, а сега  ќе изнесува од 100 до 120 километри на час .

- Оваа година започнуваме со рехабилитација на последната делница Неготино-Ногаевци и со рехабилитација на таа делница што треба да заврши кон крајот на наредната година ќе се намалат дополнително 30 минути.Оваа инвестиција ја реализираме заедно со Јавното претпријатие МЖ Инфраструктура и  е само еден мал сегмент од инвестицииите во железниците што се рализираат и што се најавени во наредниот период, рече Јанакиески.

Според него, со надлежните претпријатија интензивно се работи на проектот, а МЖ Инфраструктура отстраниле десетици црни точки кои беа на дел од Коридорот 10,со што, како што потенцира,  придонеле за забрзување на движењето на возовите во Македонија

Директорт на МЖ Инфраструктура Ирфан Асани потести дека на делницата Табановце-Куманово  не е извршена реконструкција во последните 43 години. - Елиминирани се 28 црни точки од Коридорот 10 и значајно е што се скратува времетраењето на брзината на движењето на возовите, рече Асани.

Реконструкцијата на делниците започна во ноември минатата година, со што стратуваше модернизацијата на инвестицискиот циклус на железичката инфраструктура. Реконструирани се и патничките премини на оваа делница и е подобрена безбедноста при преминувањата на патните премини, меѓу нив и преминот Лопате Куманово кој е доста фрекфентен.