Министерот Попоски на состаноци на Вишеградската група и Западен Балкан и на ЦЕИ

На покана на Министерот за надворешни работи на Унгарија, Јанош Мартоњи, од 30 до 31 октомври, министерот Попоски учествуваше на министерскиот состанок на земјите од Вишеградската група и Западен Балкан. Специјални гости на состанокот беа Министерот за надворешни работи на Литванија во име на актуелното претседателство со ЕУ, комесарот за проширување на Европската комисија, државниот секретар за надворешни работи на Австрија, заменикот потсекретар за надворешни работи на Турција и помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања.

Централна тема на состанокот беше евроинтеграцијата на земјите од Балканот - предизвиците на патот кон ЕУ, трансформативната моќ на евроинтеграцијата, како позитивно да се влијае на процесот на проширување во ЕУ итн. 

Министерот Попоски нагласи дека ЕУ мора да ја одржи својата трансформативна моќ врз Балканот и кредибилноста на политиката на проширување. Забавувањето на проширувањето на ЕУ ќе претставува двојно назадување: за трансформацијата на Балканот и за кредибилитетот на заложбите на ЕУ.

Констатација е дека Вишеградската група и Австрија чуствуваат потреба да помогнат во издигнување на кредибилитетот на ЕУ интеграцијата преку подршка на Европската Комисија и нејзините препораки.

Македонија одамна заслужи датумот за почеток на преговорите со ЕУ како резултат на посветеноста насочена во подигнување на стандардите во најважните полиња. Тоа треба да биде клучот за Македонскиот успех. Блокирањето на одлуката за почеток на пристапни преговори не е рецептот за конечно решение на наметнатиот спор од југот. Решението лежи во вољата на политичко ниво и отворениот дијалог со аргументи. Едната страна континуирано го одбегнува тоа, посочи Министерот Попоски.

Поддршка за неодложен почеток на пристапните преговори дадоа сите земји учесници, кои истата ја формализираа во Декларација за поддршка на Западниот Балкан на патот кон полноправно членство во ЕУ.

Министрите нагласија дека пристапувањето на земјите од З.Балкан кон Унијата е од взаемен интерес и на ЕУ и земјите аспиранти. Процесот на проширување има стабилизирачки ефект и трансформативна моќ од корист на сите партнери. Процесот на проширување треба да биде кредибилен и конзистентен и да остане базиран на принципите на условеност и индивидуални перформанси.

Учесниците на состанокот разменија мислења за актуелната состојба на Балканот и ги поздравија наодите на деталниот и балансиран Пакет за проширување на Европската комисија, кој нуди кохерентна стратегија за проширувањето на ЕУ во годината што следи, нагласувајќи ја меѓу останатото и важноста на економските реформи и конкурентноста.

Во однос на Република Македонија, министрите ја изразија својата поддршка и надеж за надминување на пречките што стојат на евроинтеграцискиот пат на Република Македонија и ја нагласија потребата за донесување на одлука за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ.

Земјите од Вишеградската група ја реафирмираа подготвеноста да ги споделат своите искуства од транзицијата и европските интеграции, но и од областа на регионалната соработка како еден важен предуслов за членство во ЕУ.  Тие ја потврдија подготвеноста да поддржат спроведување на конкретни проекти  преку Меѓународниот Вишеградски фонд. Исто така, ги охрабрија земјите од Балканот да воспостават регионален фонд по примерот на Меѓународниот Вишеградски фонд кој би финансирал најразлични активности од областа на културата, науката и образованието, прекуграничната соработка и зајакнување на граѓанското општество.

Вишеградската група ја нагласи важноста на континуираниот ангажман на НАТО на и ЕУ за стабилноста и безбедноста на Балканот. Земјите од Вишеградската група остануваат цврсто посветени на „политиката на отворена врата“ и ќе продолжат да ги поддржуваат напорите на земјите Балканот за членство во НАТО.