Во Париз претставена визијата на Македонија во рамки на ЈИЕ, согласно Стратегијата „Европа 2020“
Министерот за економија Ваљон Сараќини денеска учествуваше на Министерската конференција на земјите на Југоисточна Европа, во организација на ОЕЦД, Владата на Словенија и Регионалниот совет за соработка, на тема „Визија за земјите од ЈИЕ 2020“.
Конференцијата беше насочена кон економските реформи во земјите од Југоисточна Европа за следните 10 години, а нејзината главна цел беше да се даде нова визија за регионот во ЈИЕ. Оваа визија е базирана на 10-годишната Стратегија - „Европа 2020“, предложена од ЕК на 3 март 2010, со цел обновување на економиите на земјите од ЕУ.
Стратегијата ги потенцира идеите за одржив развој со поголема координација помеѓу националните политики на земјите во регионот и ЕУ. Таа посебно го потенцира значењето на иновациите, способностите и вештините, креирањето на нови работни места, индустриската политика во ерата на глобализацијата, ефикасното искористување на ресурсите и обновливите извори на енергија, продлабочувањето на регионалната соработка во областа на трговијата, инвестициите и туризмот.
Министерот Сараќини имаше свое обраќање на втората панел дискусија посветена на економијата базирана на знаење.
„Станува збор за тема која е блиска до еден од моите приоритети откако сум министер, бидејќи иновациите претставуваат истакната карактеристика на тековната Програма за развој на претприемништвото, конкурентноста и иновативноста на малите и средни претпријатија и се’ повеќе добиваат во значење. Мојата стратешка цел е подобрување на врските помеѓу малите и средни претпријатија и истражувачки институти. Во сите наши напори да ја оствариме оваа цел, појдовна точка беше стратешката рамка Лисабонскиот совет на Европа од 2000 година, кога беше воспоставена стратешката цел Европската Унија да стане најконкурентна и динамична економија, која ќе се базира на знаење, преку: одржлив економски раст, повеќе и подобри работни места и поголема социјална кохезија, при што иновациите беа сместени во средина на овие препорачани процеси. Успешната реализација не’ води до новата Стратегија Европа 2020, каде иновациите уште повеќе се потенцирани дека се клучни двигатели кои треба да ја извлечат Европа од постојната кризна состојба и да ја подготват нејзината економија за следната декада“, истакна Сараќини во своето обраќање.
Оттука и Република Македонија, на патот кон Евроатланските интеграции, а стремејќи се кон сé поголема конкурентност на своето стопанство, сé поголем фокус става на зголемување на иновативната компонента кај компаниите како двигател на конкурентноста.
„Токму заради ова, од понудентите проекти во рамки на Регионалниот проект на ОЕЦД „Иницијатива за регионална конкурентност (РЦИ-Регионал Цомпетитивенесс Инитиативе) на западен Балкан, ОЕЦД го селектираше како најприоритетен за изготвување документот Иновационата стратегија на Република Македонија, што за нас претставува значаен напредок и потврда за напорната и посветена работа“, рече тој.
Министерот Сараќини ги претстави континуираните економски реформи на Владата на Република Македонија, со цел да се изгради модерно и демократско општество и отворена пазарна економија. Посебен акцент министерот за економија стави на: одржувањето на стабилна макроекономска и фискална политика, даночната и царинската политика, подобрувањето на деловната клима и конкурентноста; стимулирањето на инвестициите и поддршката на малите и средни претпријатија. Согласно тоа, технолошкиот развој и преструктуирањето на економијата, како и привлекувањето на странски директни инвестиции се основа за зголемување на конкурентноста на секторот за производство и намалување на невработеноста.
Осврнувајќи се на регионалниот аспект во енергетиката, туризмот, инвестициите, малите и средните претпријатија, индустриската политика и трговската соработка, министерот за економија подвлече: „Според најновиот ИРИ извештај, земјите на ЈИЕ постигнаа значаен напредок во понатамошната интеграција во мултилатералниот трговски систем и подобрувањето на законските рамки кои влијаат на пристап до финансии и заштита на физичка сопственост. Но, континуираните реформи се од суштинско значење за сите. Со спроведувањето на економските реформи во Република Македонија, со цел да се изгради модерно и демократско општество и отворена пазарна економија, уште еднаш покажавме дека се приклучуваме на напорите на сите земји од Југоисточна Европа за подобрување на имиџот на регионот како дестинација за инвестирање и имплементација на поефикасни инвестициони политики“.