Ден на дрвото - „Садиме денес, пишуваме и праќаме писмо на мирот“


Под мотото „Садиме денес-пишуваме и праќаме писмо на мирот“ денеска на 400 локации низ Македонија се садат 5,7 милиони садници во рамки на есенската акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина!“.


Во осмата акција дрвца се садеа во близина на населените места, природните и вештачките езера, во националните паркови и покрај регионалните и локалните патишта и на граничните премини. За помасовно учество во акцијата Владата го прогласи денешниот ден за неработен, што ќе се одработи в сабота на 26 ноември


Водечкиот настан на кампањата е „Писмото на љубовта, почитта и пријателството - засади мир, пријателство и љубов“. Во знак на согласност со Писмото, граѓаните можеа да се потпишат во тетратки кои по одржувањето на акцијата ќе бидат испратени до Обединетите нации и до Европската комисија.


Писмото, како што информира организацискиот одбор на акцијата, содржи недвосмислена и јасна порака дека преку засадувањето иднина со свои раце ќе кажеме дека засадуваме не само дрвца, туку и пријателство, добрососедство, толеранција и взаемна почит.


- Писмото е повик за масовно заедништво во кое преку чинот на лично учество во акцијата со свои раце, со едно срце, ќе засадиме иднина за нас и за светот. Писмото е силна порака дека не дозволуваме да бидеме обезимени и не би дозволиле таква неправда да биде нанесена никому, не само нам, објаснуваат организаторите.


Според Кристина Николовска, шеф на кампањата за акцијата, со денешното садење дрвца праќаме универзална порака за мир, пријателство, добрососедство,  човечност,.. Таа оцени дека пораката е многу длабока и универзална. - Во годината на дрвото праќаме  општа човечка космополитска порака дека немаме од што  да се срамиме, големи сме, силни сме. Правото за потпишување е демократско право да се  потпише на таа тетратка и на било што, но нашите потписи  ќе останат онаму каде се нашите срца. Тоа е наш интимен чин ако го направиме, а овој заеднички чин е  поголем од се. Денеска сме заедно и праќаме универзална порака, изјави Николова. 


Акцијата во неделата симболично ја почнаа премиерот Никола Груевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски со засадување дрвца во центарот на Скопје, завчера дрвца садеа амбасадорите на странските земји во Република Македонија и претставници на верските заедници. Во разеленувањето на државата вчера се вклучи и претседателот Ѓорге Иванов со садење садници во Градскиот парк во Велес.


На локалитетот Мршевци денеска дрвца засадија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, придружувани од иницијативниот  одбор на акцијата „Ден на дрвото“, градоначалници и естрадни уметници.


Јанкулоска ја оцени акцијата како успешна во најголем дел и, како што рече, тоа е причина повеќе да ја повторуваме секоја година  и масовно да учествуваме во неа.


Успешноста на пролетната акција кога беа засадени три милиони садници е 50 отсто, а на сите досега спроведени акции 65 проценти, информира директорот на ЈП „Македонски шуми“ Жарко Караџоски.


- Вкупно  успешноста на досега пошумените 38 милиони садници е 65 проценти. Тоа е одличен процент на зафатеност, според европските стадарди  за успешност на ваква акција се смета се што е над 35  проценти. Задоволни сме што акцијата  се прифати кај граѓаните со добар  одзив, изјави Караџоски додавајќи дека денеска се пошумува на локалитети каде што имало помала зафатеност во претходните акции.


Осмата акција за садење дрвца е во духот на прославата на светскиот настан наречен „Година на дрвото“ прогласена од Обединетите нациии.


Со денешната акција, вкупно ќе бидат насадени околу 44 милиони садници.


Првата акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина!“ беше спроведена на 12 март 2008 година кога беа засадени два милиона дрва.