Од вчерашната одржана седница на Економскиот совет

С О О П Ш Т Е Н И Е

Вчера вечерта (петок, 25.11.2011 година) се одржа редовна седница на Економскиот совет при Владата на Република Македонија, со која претседаваше премиерот Никола Груевски.

На седницата беа разгледувани тековните макроекономски движења, како и информации за повеќе тековни проекти и активности од економската сфера. 

Економскиот совет ја разгледуваше информацијата во врска со реализацијата на кредитна линија од ЕИБ во износ од 50 милиони евра, подготвена од Македонската банка за поддршка на развојот. МБПР информираше дека како резултат на досегашните активности банката прави подготовка за повлекување на првата транша од кредитот од ЕИБ. Банката информираше дека заклучно со 18 ноември 2011 година од страна на осум деловни банки добиени се барања за кредитна поддршка на 87 проекти во износ од околу 19,5 милиони евра. Од истите барања, 73% од вредноста на кредитите е наменет за инвестиции со рок на отплата од три до осум години, додека 27% се за набавка на обртни средства со рок на отплата до 3 години. Согласно анализите и проекциите, се очекува до крајот на годината да се повлечат помеѓу 19 и 25 милиони евра, како и да се достави барање за повлекување на дополнителни 10 до 15 милиони евра.

На седницата се разгледуваа и информации во врска со доуредувањето на одредени модалитети кои имаат за цел унапредување и зајакнување на системот на социјалната политика, и унапредување на грижата за социјално ранливите групи, а заклучоците по истите ќе бидат проследени во владина процедура.