Министерот Тодоров за Радио Слободна Европа
Г-дине Тодоров, тргнавте на терен и забележавте многу аномалии. Владата на која и припаѓате веќе четири години има ингеренции да ги решава проблемите во овој ресор. Зошто толку пропусти толку долго време се оставени во статус кво ситуација?
Видете, ако тргнете во позиција која е во дупка 200 метри длабоко, дојдете до некои 100 метри значи сте направиле сериозно поместување нагоре, но во никој случај не треба да бидете задоволни од тоа што го имате во моментот. Треба да се трудиме да ја унапредуваме состојбата во секоја сфера на живеењето, а една од побитните е здравството. Од тој аспект, доста работи се направени, тргнавме од позиција во која имавме прилично стара и дотраена опрема и набавивме опрема во вредност од 100 милиони евра, во најголем дел е доставена и одлично се користи. Имавме плати кои што беа многу пониски во здравството, сега неколку пати се покачени платите и имавме инфраструктура во која неколкупати или воопшто не се инвестирало. Тука исто така почнавме еден проект во вредност од 100 милиони евра, 17 здравствени установи се реконструираат во рамки на тој проект и останува да започнат уште 4, вкупно 21, а до крајот на проектот треба сите здравствени установи да бидат целосно реконструирани. Затоа велам дека посебно во здравството неможеме да кажеме дека сме го достигнале врвот, но многу лесно може да се стигне дното. Имајќи предвид од каде тргнавме, јас сум задоволен сега, но никако не сум задоволен од нивото и затоа тргнав на тој начин за да се обидам да променам некои работи.
Мене ми делувавте прилично разочаран, дури ни како да не се поминати ниту тие 100 метри. Но, дали сте разочаран од самата улога на менаџерите во клиниките, бидејќи тоа беше една од првите најавени реформи уште во првиот мандат?
Можеби непотребно искрено ќе биде ова, но мислам дека докторите одлично си ја вршат својата работа во докторскиот дел, но кога ќе стане збор за управување со здравствените ресурси еден дел од нив потфрлуваат и затоа мислам дека не треба да ги обвинуваме нив. Во Македонија никогаш порано немало ваков тип на обука и немало можност докторите, професорите коишто имаат можност да управуваат со здравствените установи, да имаат таков тип на предзнаење. Тоа е увидено во повеќе земји во светот. Имајќи предвид дека современата литература здравствената услуга се повеќе не ја гледа како услуга туку како здравствен производ и бара повисоко ниво на менаџерско искуство. Од тој аспект сакам и да го дефинирам начинот на кој што веројатно се функционирало во Македонија до сега, но исто така сакам да ја дефинирам и мојата улога во целиот овој систем. Мојата улога во целиот овој систем не би било како докторите да оперираат, или како да си ја вршат здравствената дејност, во тоа не сакам ниту сум стручен да си ја мешам, но во секој случај ќе работам во оној дел којшто се однесува на организација на работата особено во здравствените установи, особено во делот на набавките, правните елементи, менаџирањето, се она што не е врзано директно со докторските знаења и вештини, но она што е врзано со знаењата и вештините на еден менаџер кој што треба да управува со здравствениот систем. Во целиот овој период видовте вие колку мерки имам преземено, сите овие мерки немаат допирна точка со докторската фела или со начинот на кој што тие работат.
Дали на овој начин признавате дека во сите овие години останаа нејасни ингеренциите меѓу двајцата управители на болниците. Оваа забуна и во вашиот мандат избрка врвни стручњаци од клиниката. Мислите ли дека подлегнавте на таа забуна па дозволивте да се случи тоа?
Не, како резултат на ова воопшто се нема случено да одите ниту еден стручњак, ако некој одлучил да поднесе оставка на функијата, јас тоа го ценам, тоа повеќе го ценам отколку некој да остане на функцијата без да ги извршува работните задачи и обврски.
Меѓутоа веќе премногу врвни стручњаци ја напуштија клиниката?
Тоа е доста експлоатирана тема и точно е дека има определен одлив и тоа не се случува само во Македонија туку се случува во сите земји. Имајќи предвид дека приватното здравство секогаш и секаде во сите земји е подобро платено од јавното здравство и тоа е нешто што ги привлекува некои од стручњаците да заминат од јавното здравство. Меѓутоа јавното здравство има многу други предности, тука е Медицинскиот факултет и голем дел од нив се професори и не сакаат да ја напуштат професорската позиција и мислам дека тоа е една од работите коишто прилично ги држи експертите на клиниките. Мислам дека сепак во јавното здравство се уште имаме многу повеќе врвни стручњаци отколку на било кое друго место.
Не е тајна дека партизираноста не му е туѓа на здравството и веројатно нанесува штета на задржувањето на квалитетот. Гледате ли во тоа еден суштински проблем?
Гледам и се борам, тоа е нешто што ми пречи имајќи во предвид дека во Македонија има огромна традиција на партизираност. Вие знаете дека во времето на социјализмот потребна била партиска книшка за да некој се вработи и тоа на Македонецот не му е туѓо, сите знаеме дека треба да биде член на Сојуз на комунисти на Македонија за да се вработи на било која позиција, а не пак за некоја управувачка позиција. Мислам дека полека овие 20 години целото општество се труди да ја надмине таа состојба. Особено мене ми е битно ова да го нема во здравството, особено не при вработување на доктори, медицински помошен кадар итн. Во делот на тоа кој ќе управува со здравствените установи во делот на тоа дали тие ќе бидат политичките ангажирани, тоа е помалку битно затоа што на крајот на денот повеќе се гледа дали тој успешно управувал со здравствената установа или не, може да биде политчки многу активен и високо позициониран, а лошо да управува со здравствената установа и тогаш кој сака нека е од моја страна ќе биде променет. Исто така биле повикани многу експерти кои што воопшто не биле партиски определени за да управуваат со сериозни капацитети.
Не ви пречи впечатокот на јавноста дека повеќе личевте на инспектор отколку на министер којшто се зафати веднаш за суштинските, наталожени проблеми во здравството?
Што е суштински проблем во здравството? Тоа е клучно прашање. Дали хигената не е суштинска работа, дали кога би биле во позиција да лежите на детската клиника или било која друга клиника и имате страшна нехигиена околу вас, лебарки, бубашваби итн... Тоа ќе го чувствувате за несуштинска потреба на здравството? Не! Во Франција има болници кои се стари по 150 години и тоа не значи дека тие треба да бидат нечисти. И мислам дека почнав да инсистирам на одржувањето токму поради тоа, затоа што ние сега ќе почнеме со реновирање и ако немаме ние култура на зачувување на јавното добро, тоа ќе се уништи. Што е разликата меѓу јавното и приватното здравство? Не е во здравствената култура. Граѓаните не можат да го евалуираат квалитетот на здравствената услуга, начинот на којшто докторот оперирал, или тоа во многу мала мера влијае на целокупната слика за здравството. Што ги мотивира таму, подобри услови, чисти ходници, подобра услуга, насмеани доктори, сестри, немање гужви, ред итн, и тоа се работи кои што ја креираат подобрата перцепција на приватното здравство, а ние како јавно здравство треба да се трудиме со сите сили да се приближиме на тој квалитет кој што го има таму. Од друга страна пак, на приватното здравство му недостасуваат некои области кои што се непрофитни центри и коишто не се одлучуваат приватните сопственици да ги имплементираат во своето работење, и затоа во тој дел е многу битно јавното здравство.
Промовиравте принцип на казни, на лични одговорности... На некој начин вие тоа го протолкувавте како ставање ред, но јавноста на тоа гледа некаков начин да влеете страв?
Оваа ситуација со поднесувањето на кривична пријава против непознат сторител најмногу што сакав да постигнам е да го тргнам стравот од здравствените работници. Затоа што ние постојано бевме сведоци на закани кон здравствените работници дека тој и тој лекар направил лекарска грешка. Извинете ама лекарска грешка во Македонија години наназад е кривично дело. На тој начин вие велите дека тој и тој доктор направил кривично дело, криминалец е. Му ја нарушувате честа и интегритетот на тој човек. Е тоа е неподносливо, неподносливо е за еден доктор да работи во такви услови. И јас реков ако е така, тогаш јас ќе поднесам пријава против непознат сторител за да утврдиме дали тој човек за којшто вие тврдите дека е криминалец навистина сторил кривично дело. Ако сторил ќе си одговора, меѓутоа ако не сторил треба да се замисли оној којшто го набедил.
Извор: “Радио слободна Европа”
Новинар: Слаѓана Васовиќ Божиновска
I