Увоз на половни минибуси и автобуси со еуро 2 стандард до крајот на април 2012
Владата на вчерашната седница донесе Правилник со кој до 30 април следната година се овозможува увоз на употребувани возила од категоријата М2 и М3 (минибуси и автобуси) со еуро 2 стандард. Одлуката е донесена на барањето на одделни здруженија на превозници.
На седницата на Владата се усвоени повеќе акциски планови за промоција на туризмот, меѓу кои и акциски план за промоција на конгресниот туризам. Тој вклучува создавање единствена база на информации за сите конгресни сали во Република Македонија и агенции што организираат семинари и конференции, која ќе биде промовирана на веб страната на Macedonia Timeless и во печатени брошури за конгресен туризам.
Усвоен е и Акциски план за креирање база на податоци во дигитална форма која би ги опфатила сите постоечки слики, брошури, книги, видео записи за Македонија, туристички спотови, како и презентации за туристичките потенцијали на локално, регионално и на национално ниво. Усвоен е уи акциски план за поддршка на креирање тренинг центри за туризам и угостителството кој ќе се реализира преку ваучери за финансирање и кофинансирање, за кои што Министерството за економија ќе подготви посебен закон.
Излегувајќи во пресрет на барањата на компаниите кои што се занимаваат со експлоатација на минерални суровини, Владата одлучи Тарифникот за утврдување на висината на надоместоците за издавање на дозволи за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини, да се применува од почетокот на секоја календарска година, наместо сегашната пракса според која тој се донесува и применува од март-април во тековната година.
Во областа на земјоделството, Владата усвои Акциски план предложен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за воспоставување шумарски информативен систем преку кој со соодветно разграничување и идентификација на парцелите, ќе се обезбеди т.н. катастар на шуми, како единствена база на податоци за површини под шума, под шумски видови и други релевантни податоци.
Владата усвои и информација со која утврди конкретни задолженија за Министерството за информатичко општество и администрација, во насока на создавање можност за плаќање на определени јавни давачки преку мобилен телефон.