Отворени денови на МЗШВ: Најавени мерки за помош на идните земјоделски задруги


 Министерот за земјоделство Љупчо Димовски  и неговиот заменик Зоран Коњановски денеска со средба со земјоделците од Струмичко  ги почнаа Отворените денови на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кои стартуваат од  подрачната единица во Струмица.


- Наша основна цел со оваа кампања која ја планиравме од поодамна е да дојдеме меѓу земјоделците и откупувачите и заедно да ги согледаме проблемите и најдеме решение за нив, изјави министерот Димовски.


Тој најави дека во рамки на Отворените денови на Министерството кои ќе се одржат во неколку региони во државата преку директни разговори ќе бидат промовирани стратегии за формирање земјоделски задруги и рурален развој и за можностите за натамошно зајакнување на македонскиот земјоделец и македонското село. Ќе следат пакет мерки за помош и подршка на идните земјоделски задруги.


- Здружувањето на земјоделците во земјоделски задруги е значаен проект во стратегијата за развој на македонското земјоделство.Покрај техничката и организациската помош, што е неопходна при формирањето на земјоделските задруги предвидуваме за идните здружени земјоделци поголеми субвенции, ослободување од плаќање на надомест за вода, предност при доделување земјоделско земјиште, како и при набавка и комплетирање на нова земјоделска механизација, истакна Димовски.


Според него, со здружени земјоделци и со окрупнување на земјоделските површини, се создаваат можности за зајакнување на конкуренцијата на македонското земјоделство на светските пазари.


Димовски демантира дека годинашните средства за субвенции се исплатени во Западна Македонија, но не и во струмичкиот регион. - Нема место за вакви сомневања. Платежната агенција исплатата ја врши по одредена уредба и тоа посебно за секоја земјоделска култура и тука нема делба по региони. Јас знам дека сега се врши исплатата на млекото и на други земјоделски култури, кај кои веќе е завршена неопходната контрола, нагласи министерот  за земјоделство.


Во однос на увозот на домати од Албанија, Димовски истакна дека тоа е право на трговците и пазарната економија, како и тоа дека и ако има увоз  мора да биде во рамките на пропишаните норми.


Како дел од активностите предвидени со Отворените денови на МЗШВ вечер ќе се одржи  трибина во селото Сушица во Општина  Ново Село,  при што министерот ќе има  средби со земјоделците  од тој регион.