Во Прилеп годинава отворени 82 фирми со грантови од владината програма за самовработување
Со владината програма за самовработување, во Прилеп годинава се отворени 82 фирми со семен бизнис, а преку 500 за пет години.
Според Силвана Пашоска раководител на Бирото за вработување, Прилеп по Скопје е втор град по добиените грантови од кои најголемиот дел се успешни.
- Прилеп додели преку 500 гранта за пет години. Од нив само годинава се доделени 82 со кои малостопанствениците добија по 3.000 евра за набавка на опрема и им се покриени трошоците за регистрација на фирмата. Интересот е голем зашто за добивањето на 82. гранта, конкурираа преку 500 лица. Најголемиот дел фирми успешно опстојуваат и сите вработуваат по едно до две лица, објасни Пашоска.
Прилепчанецот Димче Мирчески со владиниот грант од 3.000 евра го остварил семејниот осумгодишен сон за отворање бизнис.
- Отворивме слаткарница во центарот на Прилеп. Јас сум носител на фирмата, а сопругата на идејата која е стара осум години. Но, сами не можевме да ја реализираме. Со грантот набавивме опрема, ја регистриравме фирмата и веќе имаме шест вработени. Верувам дека ќе успееме, вели Мирчески.
Најголеми интерес има за услужната и трговската дејност.
- Најмногу се пријавуваат со дејности од трговијата, занаетчиството, а има многу заинтересирани регистрирани земјоделци кои имаат право да се пријавуваат и да користат средства од оваа оперативна владина програма. Најголемиот број бизниси опстанаа овие пет години зашто имаме и друга програма со која им се помага на работодавците да ангажираат лица и добиваат по 1.500 евра, истакна Пашоска.
Оваа владина програма од Бирото за вработување ја оценуваат за успешна, зашто за пет години се отворени околу 1.000 работни места.