Груевски: Продолжува изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица, досега инвестирани 46 милиони евра

Завршени се една третина од активностите за изградба на новиот автопат Демир Капија-Смоквица, во должина од 28 километри и  веќе се инвестирани 46 милиони евра од планираните 210 милиони евра.

Премиерот Никола Груевски придружуван од министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгивски денеска се запозна со текот на градежните активности за новиот автопат во делот помеѓу Демир Капија и Гевгелија. Оцени дека активностите се одвиваат според утврдената динамика и оти согласно тоа изградбата на новата автопатска делница на Коридорот 10 ќе заврши за две години.

- Градежните работи за изградба на автопатската делница Демир Капија-Смоквица  се одвиват одлично  според утврдената динамика. Досега се пробиени 95 проценти од трасата, значаен дел е веќе тампониран, а мал дел веќе и се асфалтира. Почнува работењето и на мостовите, со што околу една третина од работите се веќе извршени, изјави Груевски посочувајќи оти досега се инвестирани 46 милиони евра.

Со активностите, како што рече, се продолжува, наскоро почнува градбата на мостовите, каде што се и поголемите трошоци, така што сега повеќе ќе се оди на трошковниот дел. - Можам да кажам дека досега нема никакво доцнење и работите се одвиваат согласно зацртаниот план и автопатот се гради согласно зацртаната динамика, наведе Груевски.

Во разговорите со ангажираните работници на терен од изведувачот на градежните работи грчката компанија „Актор“ се информирал оти не се соочуваат со некои непредвидени проблеми од поголем карактер.

- Нема доцнења и задоволни сме од тоа како тече работата, а можам да кажам дека и ние како Влада сме задоволни, бидејќи работите досега одат согласно планираното и автопатот треба да биде завршен до 2016 година, изјави Груевски.