Нова водоводна мрежа и систем за фекална канзализација во Ѓавато

Во населеното место Ѓавато, Општина Богданци од денеска функционираат нова водоводна мрежа и систем за фекална канализација, заедничка инвестиција од 15 милиони денари на Владата и општината.

- Со изградбата на водоводната мрежа и резервоарот за вода конечно се реши долгогодишниот проблем со водоснабдувањето и обезбедување потребното количество вода во летниот период за жителите на Ѓавато. Со изградбата на фекалната канализација, пак, се овозможи контролирано и уредно третирање на отпадните води и се подобрија квалитетот на животот и екологијата во ова населено место, изјави премиерот Никола Груевски, по пуштањето во употреба на новата водоводна мрежа.

Придружуван од министерот за транспорт Миле Јанакиески ја означија и втората фаза за реконструкција на локалниот пат Богданци-Ѓавато во кој ќе бидат инвестирани околу 8 милиони денари.

Според Груевски двата проекта се продолжување на ветеното за жителите од општина Богданци. Завршената реконструкција на патот од Богданци до Стојаково во вредност над 13 милиони денари, инвестираните 3 милиони денари во нов систем на парно греење во училиштето „Петар Мусев“ каде наскоро ќе почне изградба на повеќенаменско спортско игралиште, изградбата на спортската сала во ОУ „Кирил и Методиј“ во Стојаково и на салата во Средното училиште „Богданци“, според Груевски се дел од реализираните и ветени проекти во оваа општина. Богданци, истакна, стана дом на првиот Парк на ветерници во Македонија, проект на кој се работи активно, а во оваа општина наскоро очекуваме да почне и капиталната инвестиција за реновирање на Домот на култура, рече Груевски.

Според министерот Јанакиески од денеска се надминува проблемот со водата и со канализацијата за 450 жителите во Ѓавато. На територијата на целата држава, информира, досега се завршени 20 вакви проекти, со инвестиции од 6,5 милиони евра. Секој ден се објавуваат нови повици, бидејќи годинава планираме да почнат уште 22 проекти со инвестиција од 7,4 милиони евра. Сите проекти треба да почнат во периодот од февруари до април. Со ова Владата уште еднаш потврдува дека е целосно посветена на реализација на програмите и на решавање на проблемите на граѓаните, нагласи Јанакиески.

Со реализацијата на  проектите, посочи, голем број населени места ќе имаат редовно и стабилно водоснабдување или пак ќе им се реши проблемот со отпадните води.