Свечена академија по повод празникот Св.Сава

Луѓето треба да работат на добрососедските односи, потенцираа вечерва премиерот Никола Груевски и неговиот српски колега Ивица Дачиќ на свечена академија по повод Денот на српската заедница во Република Македонија-Св. Сава, што се одржа во Македонскиот народен театар.

- Одбележувањето на ваквите празници во современите мултиетнички општества е исклучително важно и значајно. Преку нив, го валоризираме меѓусебното почитување, учиме еден за друг и живееме еден со друг. Тие се симбол на почитување, доверба и заедништво, посочи Груевски.

Присуството на денешниот настан, како што рече Груевски, на високата делегација на соседна Србија, предводена од мојот колега Ивица Дачиќ, дава дополнителен квалитет во стремежот кој како држава го имаме во развој и унапредување на добрососедските односи и градење на релации, кои во духот на европските вредности се темелат на еднаквост, достоинство и почитување на човековите права.

Премиерот Груевски им го честита празникот на сите Срби во Македонија и потсети дека во нашата држава се работи и се негуваат интересите не само на српската зеадница, туку и на останатите заедници.

Според Дачиќ, ако Србите и Македонците се умни ќе живеат во љубов, пријателство и меѓусебна доверба.

- Ако не се, што нема да биде првпат, ќе работат во полза на сопствената штета и на радост на нашите непријатели, рече Дачиќ и додаде дека не треба да се гледа во минатото.

Тој потенцира дека минатото треба да им се остави на историчарите и порача да се гледа во иднината. - Треба да се гледа во иднината. Во иднината треба да имаме  добра соработка зошто е важно како ќе живеат идните генерации, рече Дачиќ.

Дачиќ смета дека сите недоразбирања треба да се решаваат со дијалог, како што порано Св. Сава ги решавал споровите меѓу граѓаните.

Св. Сава е српски просветител, а утрешниот ден е национален празник за Србите кои живеат во Македонија и е неработен ден. Овој ден се празува од пред шест години. На свечената академија присуствуваа министри од двете Влади, пратеници, граѓани...

Пред одржувањето на свечената академија, премиерот Груевски оствари тет-а-тет средба со неговиот српски колега Дачиќ во Владата.