Владата презентираше три мерки за вработување на над 250 лица

Почитувани,

На една од минатите седници, Владата на Република Македонија го донесе Оперативниот план за активни мерки за вработување за 2014 година, со кој преку поширока палета на мерки и активности се предвидува поддршка за вработување на над 4000 лица во тековната година, со крајна цел нивно вработување и работно ангажирање. Самиот Оперативен план се обезбедува со средства во висина од 525 милиони денари, средства кои се предвидени во Буџетот на Република Македонија, Буџетот на Министерството за труд и социјална политика, и Буџетот на Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Денеска, би сакале да ги информираме граѓаните за три мерки, кои се дел од повеќето мерки кои се составен дел од овој Оперативен план и да ги презентираме фактите, државната поддршка, субвенциите за овие мерки и процедурите низ кои тие ќе се одвиваат, како и можностите кои им стојат на граѓаните на располагање за нивно вработување и поддршка на вработувањето.

Се работи за мерките:

  1. Субвенционирање на вработување на млади лица до 29 години или популарно наречен Проект Прва шанса;
  2. Обука за задоволување на побаруваните занимања на пазарот на трудот од сообраќајната струка, односно Субвенционирање на трошоците за полагање за возачка дозвола Д категорија и
  3. Обука кај познат работодавач со субвенционирано вработување.

Јавните повици и огласи за сите три мерки ќе бидат објавени на 3 февруари 2014 година. Првите две мерки, односно проекти, се воведуваат за прв пат со овој Оперативен план. Тие се направени и димензионирани врз основа на анализи и истражувања на најдобри практики од оваа област, и преку овој јавен повик за апликација за користење на овие две мерки, кој ќе биде објавен на 3 февруари, се спроведува таканаречен пилот проект. Врз основа на резултатите, интересот и придобивките од овие пилот проекти ќе се димензионира и нивното понатамошно реализирање, пред се огледувајќи се во фактот на можностите за зголемување на бројот на опфат на лицата кои имаат интерес од овие мерки преку тој повик од 3 февруари, но и преку можност за објава на нови дополнителни огласи.

Со мерката Субвенционирање на вработување на млади лица до 29 години или популарно наречен Проект Прва шанса ќе се опфатат млади невработени лица до 29 години со завршено високо образование во студиската година 2012-2013 година, кои се евидентирани во Агенцијата за вработување во категоријата активни баратели на работа.

Субвенционирање на вработувањето ќе се врши на следниот начин. По објавувањето на повикот сите заинтересирани лица кои ги исполнуваат условите ќе бидат поврзани со работодавачи кои бараат одреден профил на работници со завршено високо образование какво што имаат овие лица. Работодавач кој ќе вработи лице од оваа категорија како резултат на оваа мерка ќе добие финансиска поддршка од државата во вид на субвенција во висина од 13 000 денари месечно по вработено лице, во времетраење од 3 месеци. По овој период на добивање на субвенција, работодавачот ќе биде обврзан да го задржи на работа лицето за кое добивал субвенција уште најмалку 6 месеци.

Искуствата кои се консултирани покажале дека овој модел е добро таргетиран во однос на временскиот интервал, затоа што се цени дека овој период од 3 месеци кој го субвенционира државата е доволен за работникот да ги покаже своите способности пред работодавачот, а работодавачот да се запознае со истите и да увиди дека работникот е кадарен да биде задржан во работен однос на неопределено време, а обврзителниот рок од задржување на работа од најмалку 6 месеци е дополнителна гаранција за валоризација на ефектите од работата. За овој повик во февруари се издвоени околу 1 милион денари, со кои се планира субвенционирање на вработување на околу 30-50 лица во оваa фаза. Доколку постои поголем интерес постои и можност за проширување на бројот на опфат на лица.

Со втората презентирана мерка се врши Субвенционирање на државата на сите трошоци за полагање за возачка дозвола од Д категорија. Истражувањата на пазарот на труд покажуваат дека кај работодавачите од транспортните претпријатија постои дефицит на кадар, возачи со Д категорија на возачката дозвола. На јавниот повик кој ќе биде објавен право на апликација ќе имаат лица од евиденцијата на активни баратели на работа во АВРМ кои минимум 2 години пред објавата на повикот имаат добиено важечка дозвола за категорија Ц.

Овие лица кои ќе се пријават на повикот ќе бидат подложени на обука за полагање за возачка дозвола Д категорија. Обуките ќе се спроведуваат од страна на селектирани лиценцирани автошколи, а по завршувањето на обуката (теоретски и практичен дел), успешните кандидати ќе полагаат за возачки испит за категорија Д во испитни центри лиценцирани за организирање и спроведување на возачки испит за оваа категорија. Државата ќе ја плати целата обука, значи ќе ги покрие сите трошоци и таа ќе биде бесплатна за лицата, а државата ќе го плати и првото полагање на овие лица за добивање на возачка дозвола Д категорија. За овој повик во февруари се издвоени околу 1 милион и 200 илјади денари, со кои се планира бесплатна обука и прво полагање на околу 30-50 лица. Доколку постои поголем интерес постои и можност за проширување на бројот на опфат на лица. Лицата кои во период од 3 месеци по положениот испит ќе се стекнат со возачка дозвола за категорија Д, ќе имаат можност да се вработат кај некои од заинтересираните работодавачи од здруженијата на транспортери за што веќе постои и начелна согласност од нивна страна.

Со третата мерка Обука кај познат работодавач со субвенционирано вработување, ќе се опфатат невработени лица евидентирани како активни баратели на работа во АВРМ. Приоритет ќе имаат следните категории на невработени лица: лица на возраст од 50-59 години и млади лица до 29 години.

Лицата кои се заинтересирани за користење на оваа мерка ќе бидат вкрстени до работодавачите. Во првите 3 месеци за секое лице кое ќе биде подложено на обука кај познат работодавач ќе се обезбедуваат по 5700 денари по лице месечно. Работодавачот по истекот на овие 3 месеци ќе има обврска да задржи на работа најмалку 50% од лицата кои биле на обука кај него. За лицата кои ќе ги задржи на работа кај него, работодавачот ќе добива финансиска субвенција од државата во износ од 13.000 денари по лице месечно, и тоа во период од 3 месеци, и работодавачот ќе има обврска лицето за кое добивал субвенција да го задржи на работа во наредните 12 месеци по истекот на периодот на субвенција. Лицата пак кои нема да бидат вработени, а успешно ќе ја завршат обуката, ќе добијат потврда од страна на работодавачот за реализираната практична обука. За оваа мерка се издвоени околу 10 милиони денари, со кои се предвидува вработување на 170 лица. Доколку постои интерес може да биде зголемен и опфатот на лица со оваа мерка.

Преку овие 3 мерки кои ги презентиравме, со овој февруарски повик и оглас се предвидува поддршка на вработувањето за над 250 лица, за што се издвоени околу 12 милиони денари. Круцијален услов за конкурирање за користење на мерките е лицата да се евидентирани во АВРМ како активни баратели на работа. Затоа сите оние кои сакаат да ги ползуваат мерките, а не се евидентирани имаат неколку денови за да го сторат истото и да се стекнат со ова право, затоа што доволно е да бидат евидентирани барем еден ден претходно пред да биде објавен повикот или огласот за да може да ги користат мерките.

Владата и во идниот период ќе продолжи со мерките и активностите за поддршка на вработувањата на граѓаните, со објавување на повици и презентација на мерки, и со поддршка на пазарот на трудот, и преку мерките од Оперативниот план и преку други мерки и програми.