Средба на премиерот Груевски со Хојт Ји

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (понеделник, 27.01.2014 година) оствари средба со г-дин Хојт Брајан Ји, заменик помошник на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на Соединетите Американски Држави.

Соговорниците ги поздравија одличните политички и економски односи помеѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, и истакнаа задоволство од континуираниот тренд на унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.

Премиерот Груевски ги истакна реформите кои ги презема Владата на Република Македонија за унапредување на стандардите за реализација на европските и евроатланските интеграции кои претставуваат стратешка определба на нашата земја и го имаат полното внимание на Владата која реализира мноштво мерки и активности за таа цел. Тој додаде дека Република Македонија високо ја цени поддршката со која Соединетите Американски Држави придонесуваат во процесот на реформите и во меѓународните односи на нашата земја. Премиерот Груевски ја истакна посветеноста на нашата земја во процесот кој се води под покровителство на Обединетите нации за надминување на разликите од наметнатиот спор и за напредок во европските и евроатлански интеграции.

Двајцата соговорници изразија задоволство од соработката во областа на економијата, при што беа акцентирани поволностите кои нашата земја ги нуди на странските инвеститори и позитивните трендови на инвестиции на американските компании во Република Македонија со кои се придонесува во економскиот развој на земјата и во отворањето на нови работни места.  Беше изразен заеднички интерес од понатамошното унапредување и динамизирање на економската соработка во сите области.

Премиерот Груевски и заменик помошникот секретар Ји позитивно ја оценија соработката на двете земји во рамките на НАТО, и во рамките на меѓународните мировни мисии, и придонесот кој нашите мировници го даваат во активностите на НАТО Алијансата.