СЕП: Донираните кинески училишни автобуси се безбедни

Училишните автобуси што Република Македонија минатата недела ги доби од Кина се безбедни и се изработени според европски стандарди, информираа денеска во Секретаријатот за европски прашања, демантирајќи ја веста што некои кинески медиуми и блогери ја објавија, а ја пренесоа неколку светски агенции дека донираните автобуси се небезбедни и наводно „нашминкани и обични, а не училишни“.

Станува збор за 23 автобуси за превоз на ученици од руралните средини до училиштата, а кои во петокот пристигнаа во Македонија и во моментов се на паркинг на ЈСП Скопје во Ѓорче Петров до нивното распеделување по општините. Донацијата вредна еден милион евра е обезбедена во согласност со потпишување на писма меѓу двете земји во април годинава, а во рамки на договорот за техничка помош меѓу Македонија и Кина од 2008 година. Првата проверка на автобусите, како што велат од СЕП, е направена уште при нивното преземање на Солунското пристаниште од каде се довезени во Скопје.

Изборот за училишни автобуси е направен врз основа на консултации со министерствата по што е доставен до СЕП како координатор на странската помош за Македонија, а потоа е испратен до кинеската страна. Нема поврзаност меѓу македонската влада и добавувачот, туку кинеската страна сама ја избира фирмата - производител.

Македонија има одлична соработка со Кина, во рамки на која минатата година е реконструирано и опремено училиште во Прилеп, а оваа година се планира сличен проект во општина Кисела Вода, посочуваат од СЕП.