Тигрите на МВР прославија 33 години

Единицата за специјални задачи „Тигар“ при Министерството за внатрешни работи денеска одбележа 33 години од своето постоење.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во своето обраќање на свеченоста им го честита денот на полициските тигри за кој, како што кажа, МВР и граѓаните на Македонија се посебно горди.

- Многу пати до сега се докажа на дело неспорното значење и улогата што  ја имала и се уште ја има единицата за специјални задачи од почетокот на нејзиното постоење до денес, истакна Јанкулска.

Таа ја нагласи значајната улога на ЕСЗ во осамостојувањето на Македонија каде во значителна мерка беа намалени безбедносните капацитети на државата.

- Со право можам да констатирам дека денес, 33 години по нејзиното формирање, единицата за специјални задачи претставува модерна формација во чиј состав влегуваат високо обучени специјализирани тимови за различни видови намени и задачи, за кои се бара посебно ниво на обученост, рече Јанкулоска.

Алпинистичкиот, нуркачкиот, преговарачкиот и снајперскиот тим, посочи министерката, посебно се издвојуваат со своите успешно изведени задачи за кои говорат нивните дела како во хуманитарни цели така и натпреварувачки.

Славчо Петрушевски, командант на единицата специјални задачи истакна дека таа претставува респектабилен оддел во Министерството за внатрешни работи за што покажуваат и нивните успеси и признанија.

- Единицата е препознатлива, почитувана и подготвена да одговори на сите зададени задачи и предизвици. Не може да не се напомене дека оваа единица ја имаше клучната улога за време на воениот конфликт во 2001 година при што беа дадени три жртви и повеќе ранети, истакна Петрушевски.

Според Командантот, новите трендови во безбедносната сфера  диктирани од внатрешните и надворешните потреби и околности, нужно бараат и натамошен и поинтезивен развој на единицата.

- Со максимална поддршка на МВР единицата располага со млад кадар, логистичка инфраструктура, пред се целосното реновирање на објектите кои ги користиме. Во наредниот чекор што веќе е во почетна фаза на реализација е современо техничко и борбено опремување  што сосема сигурно ќа ја покрене на повисоко ниво подготвеноста на единицата, рече Петрушевски.