Потпишан договор за соработка меѓу МВР и италијанската фондација „Фалконе“

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и претседателката на невладината фондација „Фалконе“ Марија Фалконе денеска потпишаа договор за соработка меѓу МВР и фондацијата „Фалконе“.

МВР и фондацијата „Фалконе“ ќе соработуваат во областа на научното истражување и обука на стручниот кадар, а ќе разменуваат искуства и практики.

- Почнуваме соработка посветена на исклучително сериозна тема, со предизвиците во борбата против организираниот и транснационалниот криминал, како една од најголемите глобални закани со кои се соочуваме во денешно време, изјави Јанкулоска по средбата, на која присуствуваше и претседателот на судот во Палермо, Леондардо Гуарнота.

За претседателката на фондацијата, Марија Фалконе потпишувањето на договорот е важен пред се затоа што ќе ги донесе идеите на Џовани Фалконе во Македонија, кој беше убеден, подвлече, дека италијанската мафија не е само во Италија, туку меѓународна и затоа борбата треба да се одвива на меѓународен план.

- Џовани тврдеше дека мафијата не може да се победи само со полициска акција. Треба правилно да се образуваат младите кои се иднината на светот, рече меѓу другото Марија Фалконе.

Во МВР, нагласи Јанкулоска, веќе се имплементираат новите методологии на работа што се засноваат на прибирање на криминалистичко-разузнавачки информации за организираниот криминал преку процесот на криминалистичко разузнавање, потоа спроведување на проактивни и реактивни криминалистички истраги, законски заснована примена на посебни истражни мерки и други алатки со кои се настојува да се зголеми успешноста и ефикасноста во работата.

Во рамки на МВР, во тек е релизација на проектот за создавање национална разузнавачка база на податоци, со цел, меѓудругото да се постигне стандардизиран начин на прибирање и размена на информации и податоци во интерес на поединечни истраги.

Јанкулоска спомена дека македонското МВР учествувало во реализација на 13 меѓународни и регионални истраги за организиран криминал, во кои се сузбиени 9 криминални групи што се занимавале со шверц на дрога, и по една со фалсификување пари и документи, главно патни исправи. Од 2010 година наваму МВР заедно со полициските служби на Германија, Австрија и Холандија имаат сузбиено 8 криминални групи, на териториите на сите овие држави, а уапсени вкупно 188 лица и запленети значителни количини дрога.