Јанкулоска: Кампањата се одвива мирно, во фер и демократска атмосфера

Оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи за изборите е целосно во функција и досега постапуваше по однос на сите активности поврзани со претседателските избори односно со првиот круг, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, по денешниот состанок во Оперативниот штаб во пресрет на утрешниот почеток на кампањата за предвремените парламентарни избори.

Овој предизборен период, според проценката на МВР, се одвива мирно, кампањата тече во фер и демократска атмосфера.

- Од утре преминуваме на поинаков начин на организација бидејќи парламентарните избори значат дополнителен обем за работа на МВР. За да се покрие целата територија на Република Македонија на еднаков начин, целокупниот состав на МВР ќе биде ставен во функција за мирно одржување на изборите, рече Јанкулоска.

Таа потсети дека седум илјади полицајци се посебно обучени за изборниот процес, добија соодветни прирачници, а веќе се направени распоредите кој полициски службеник каде ќе биде распореден на денот на изборите за да им се овозможи на изборните органи благовремено да ги контактираат и да се координираат.

Во рамки на активностите поврзани со претседателските избори одржани се 67 митинзи и 33 средби со граѓани, а на овие настани, проценува МВР, учествувале околу 115 илјади граѓани. За потребите на нивното обезбедување биле ангажирани 800 полициски службеници.

- Успеавме да ги покриеме сите организирани настани, кои поминаа во најдобар ред. Немаше нарушувања на јавниот ред и мир поврзани со претседателската кампања, немаше ниту инциденти, истакна министерката за внатрешни работи.

Освен главниот Оперативен штаб за изборите 2014, потенцира Јанкулоска, на ниво на Сектори за внатрешни работи се формирани регионални оперативни штабови, а во наредните неколку дена ќе се направи дополнителна координација и со Јавното обвинителство бидејќи доколку се случат инциденти, постапката за нив е итна и согласно измените во Законот за кривична постапка.