МВР го резрешува шверцот на цигари од Македонија во Бугарија

Oткриени се гаражите каде што организираната група криумчари ги полнела возилата со цигари за шверц од Македонија во Бугарија, соопшти денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. 

Во гаражите, како што информира Јанкулоска на прес-конференција, криминалците разоткриени на 1-ви овој месец, вршеле и модификации на возилата за да се сокријат цигарите. При преземените дополнителни дејства утврден е и начинот на работење, како и хиерархиската структура на оваа група.

При претресот на објектите се пронајдени уште 790 кутии цигари од кои 730 марка „Мерилин“ и 40 „ЛД“,  две патнички и две теренски возила, 14 патрони за ловна пушка, како и телефонски апарати, сим картички и тефтер за евиденција за должничко-доверителски односи на физички лица.

- Од преземените мерки е утврдено дека групата почнала со криминални активности во 2012 година, а нејзини организатори се три лица од кои едно од Крива Паланка, едно од село Драмче и едно од село Копаница, истакна Јанкулоска.

Групата по претходен меѓусебен договор и договор со засега непознати бугарски државјани на посебни локации полнеле возила со цигари. Досега биле организирани пет транспорти на акцизна стока и биле прокриумчарени 34.450 кутии цигари „Трокадеро“, „Јорк“ и „Мерилин Слим“. Групата стекнала противправна имотна корист од вкупно 5,3 милиони денари.

- Во последната акција на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР, запленети се 19.480 кутии цигари. По дополнително обезбедени криминалистичко-разузнавачки информации и наредби за претрес од надлежен Судија за претходна постапка, МВР изврши 15 претреси на подрачјето на Крива Паланка и Делчево,  соопшти Јанкулоска.

Досега до Основното јавно обвинителство, за гонење организиран криминал и корупција, полицијата поднела кривична пријава против седум лица на возраст од 22 до 30 години, од кои петмина од Крива Паланка, а по еден од село Драмче, Делчевско и село Копаница, Кривопаланечко. Тие се сомничат за кривичните дела „злосторничко здружување и криумчарење“ за што им е изречена мерка притвор во траење од по 30 дена.