За иновации и технолошки развој достапни два милиони евра

Два милионa евра се достапни до крајот на годината за иновации и технолошки развој преку новоформираниот Фонд за иновации.  Квалитетот ќе биде единствен критериум за поддршка на проектите, а првите се очекуваат во септември годинава. Од денеска во наредниот период Фондот почнува со информирање за инструментите што се нудат.

- Ќе се пристапи кон комплетно информирање на сите субјекти, индивидуални или правни кои сакаат да се вклучат во овој процес, а со цел да добиеме што поквалитетни апликации и проекти, изјави министерот за образование и наука Спиро Ристовски пред денешната прва средба со Сојузот на стопански комори.

Тој додаде дека за државата овој процес е важен бидејќи значи директно поврзување на иноваторите со компаниите кое ќе донесе до зголемување на увозот и извозот и до директен развој.

Директорка на Фондот Јасмина Поповска посочи дека целта на оваа и на серијата средби што ќе следат, е да се подготват што поквалитетни проекти.

- Вложуваме, поттикнуваме и промовираме иновации бидејќи тие се основа на една економија базирана на знаење и кои треба да придонесат кон поголем економски раст и повеќе работни места, истакна Поповска.

Извори на финансирање се Светска Банка од каде се обезбедени 9 милиони евра, од основниот буџет и 1 процент од Програмата за рурален развој. Според неа, секоја година ќе се прави план, а од квалитетот на проектите зависи колку ќе се искористат.

Максималната сума која може да се добие од Фондот е до 30 илјади евра за старт на бизнис, 100 илјади евра за инструментот за комерцијализација на иновации, 200 илјди евра максимум за трансфер на технологија и за акцелератори 500 илјади евра.

Поповска посочи дека покрај овие основни грантови, има и за програми за кофинансирање.

Формирањето на Фондот е по барање на бизнис заедницата. Според претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Златко Калеников, тој треба да претставува линк за поврзување на македонските компании и иноваторите.

- Македонските компании се доста иновативни, но недостасуваше линк меѓу иноваторите и бизнис секторот и се надевам дека овој линк сега ќе се воспостави преку овој Фонд, кој ние го баравме долго време, изјави Калеников.

Фондот за иновации е основан во декември минатата година.