Нова голема германска инвестиција во Македонија

Германска компанија од автомобилскиот сектор е најновата странска браун филд инвестиција во слободната економска зона во охридско-струшкиот регион, која ќе отвори нови 1.000 вработувања, а ќе инвестира 15 милиони евра, обелодени вчера од Битола, премиерот Никола Груевски.

Преговорите, како што појасни Груевски финиширале вчера, а се резултат на владиното роуд шоу во Штутгарт. По неколку посети и средби со владините тимови, германската компанија ја избра Македонија како следна бизнис дестинација. Се работи за компанија која има седиште во близина на Франкфурт, производители се на автомобилски делови и се едни од поголемите. ODW ELEKTRIK доаѓаат заедно со компанијата која ќе инвестира во Кичево, подвлече Груевски, а меѓу другото продаваат и нивни производи на светско ниво.

- Фабриката ќе ја градат на 10 илјади метри квадратни во слободната економска зона Охрид-Струга, која веќе почна да се гради. Ќе инвестираат 15 милиони евра. Беа на повеќе места, одбраа дестинација, а тоа е регионот Охрид-Струга. Во текот на наредните неколку месеци ќе ги селектираат првите 100 вработени кои ќе одат на обука во Германија. До крајот на годината ќе го почнат производството и потоа планираат да вработат до 1.000 луѓе, изјави премиерот Груевски, додавајќи оти е добро испитана и понудата за потребниот кадар односно дали ќе имаат доволно кадар на располагање.

Груевски најави и друга германска компанија која донела одлука да инвестира во Макеоднија, но се чека, подвлече тој, самата таа да објави, согласно принципот во деловниот свет.

- Очекувам дека наскоро тие ќе ја објават инвестицијата, затоа што одлуката е донесена, а нас не информираа за тоа. Тоа се уште 800 вработувања, а овие сега се 1.000 вработувања, вкупно 1.800 вработувања постепено во наредните две до три години во охридско-струшкиот регион, нагласи претседателот на Владата на Република Македонија.

Груевски очекува и други инвестиции, затоа што, како што рече, во контакт сме со многу крупни инвеститори во различни фази.

- Во последните 15-20 дена ова е практично четврта крупна компанија. Едната беше во Кичево, втората италијанската компанија која во Скопје ќе гради фабрика за машини за печатарската индрустрија, ова е трета фабрика. Во преговори сме уште и со група различни сериозни компании. Очекуваме дека ќе има наскоро и други компании, рече тој.

Во врска со најавуваните 64.000 нови вработувања во наредните четири години, премиерот Груевски истакна дека главно е привлекувањето на домашни и странски инвеститори да отвораат нови капацитети, да ги прошируваат постојните или да отвораат втори капацитети.

- Веќе имаме најави од неколку што се овде и што ќе градат втори, некои веќе изградија втори капацитети, а други размислуваат за трета фабрика. Освен ваквите инвестиции ние имаме сериозна палета на мерки кои се во нашите активни програми за вработување преку Агенцијата за вработување, преку кои се дава можност на многу луѓе да се самовработат или се даваат средства на компании да вработат луѓе, како што е програмата за млади до 29 години. Секој еден што ќе вработи во Македонија, домашен или странски инвеститор, млади до 29 години, во првите 12 месеци е ослободен од плаќање персонален данок на доход за тие луѓе и од сите придонеси. Тоа е 34 отсто од бруто платата што треба да му ја плати на работникот, со цел да вработи што повеќе млади луѓе. Меѓутоа имаме програми и за други, имаме програми за оние што се приматели за социјална помош. Оној што ќе вработи примател на социјална помош во првите 12 месеци 80 отсто од висината на социјална помош државата му ја дава на работодавачот со цел да му помогне во првите години додека го обучува. Има голема палета во Агенцијата за вработување особено во новата програма со нови мерки за да се охрабрат и отворат нови работни места, појасни премиерот Груевски.

Отворањето нови работни места, дециден е Груевски, е нашиот главен предизвик и нашата главна борба.

Лудвиг Батон, директор на ODW ELEKTRIK изјави дека произведуваат електрични инсталации за автомобили, како Порше, VW, Мерцедес, BМW и други, а нашите производи, подвлече, ги произведуваме за клиенти како што се КСС, TRW, Бош итн.

Во Европа, ODW ELEKTRIK има три производствени капацитети и тоа во Германија, Унгарија и Украина. За дополнителен капацитет за проширување барале локации во Молдавија, Белорусија, Србија, Бугарија, но се одлучиле за Македонија.

Причини зошто решивме да инвестираме во Македонија, истакна Батон, се квалификуваната работна сила, добрата индустриска традиција, искуството во индустријата, а друга причина беше одличната поддршка која што ја добивме преку организацијата тука и преку Виктор Мизо.

- Во декември минатата година се одржа автомобиска конференција во Берлин на која што се сретнавме со Виктор Мизо и така започна иницијативата да ја посетиме Македонија. Потоа присуствувавме на македонското роуд шоу во Штудгарт и потоа ја посетивме Македонија во неколку прилики, посетувавме градови, инвеститори. Имавме овде состанок посебно во нашето седиште во Германија и сега сме повторно тука во Македонија, изјави Батон.

Тој им се заблагодари за поддршката на премиерот Груевски, министерот за финансии Зоран Ставрески и тимот на Виктор Мизо.

- Оваа компанија е добавувач на американската компанија која минатата недела го потврди инвестирањето во слободната економска зона во Кичево, што значи се повеќе и повеќе компании кои се добавувачи на постоечките компании донеле одлука за инвестирање во Македонија. Се надеваме дека и оваа компанија ќе привлече повеќе германски компании. Компанијата ќе биде лоцирана на површина од 2.000 квадратни метри постоечки објект во Охрид, а потоа ќе изградат нов објект со површина од околу 10.000 квадратни метри кој ќе биде лоциран во слободната економска зона, изјави Виктор Мизо.