Одбележан меѓународниот ден „Револуција во исхраната“

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска присуствуваше на одбележување на меѓународниот ден „Револуција во исхраната“ во ЈДГОА „Срничка“ во Аеродром  организиран од фондацијата на познатиот светски готвач Џејми Оливер.

- Како Министерство за труд и социјална политика со  задоволство се вклучивме во организацијата за одбележубање на овој ден кој што се одбележува во повеќе од 70 земји во 660 градови ширум светот. Целта на манифестацијата е да се истакне важноста на здрава исхрана за правилен раст и развој на дечињата уште од најмала возраст, истакна Спасов.

Во рамките на фондацијата, рече Спасов, има посебна програма која поттикнува основање посебни „здрави корнери“ или градини  во самите градинки и улилишта.

- Целта на оваа програма е децата да се вклучат во самиот процес на производство односно во процесот на одгледување на зеленчук и овошје со цел уште од најрана возраст да го сфатат заначењето на здравата храна, нагласи Спасов.

Министерот најави активно вклучување на МТСП во соработка со градинките во Македонија и фондацијата на Џејми Оливер, преку формирање на, како што кажа, корнери за здрава храна.

- Планираме во септември и октомври во соработка со сите градинки, дечињата да земат активно учество и да се запознаат со  целиот процес на одгледување на зеленчук и овошје, најави Спасов

Според амбасадорката на платформата за Револуција во исхраната Маја Лазаревска целта на овој настан е да се вклучат сите децата во процесот на готвење на еден ист рецепт, прку кој начин ќе се запознаат со бенефитите на здравата храна.

- Фондацијата на Џејми Оливер планира во иднина да организира повеќе настани и покрај градинките планираме да ги опфатиме и училиштата. Со „Food“ караванот истите активности ќе ги прошириме низ Македонија бидејќи наидовме на голем интерес во градовите, најави Лазаревска.

Децата од градинката заедно со амбасадорката и министерот имаа можност да подготват еден од рецептите на Џејми Оливер наречен „Виножито“ кој се сотои од овошје и зеленчук, а преку подготовката се запоснаваа и со хранливите состојки на продукти кои беа употребени во здравата салата.