Физибилити-студија за заживување на селото Гари

За ревитализација на селото Гари од дебарско-реканскиот крај е изработена физибилити-студија во рамки на меѓународниот проект Култема (Културен територијален маркетинг), финансиран од  ИПА-фондовите за прекугранична соработка и од Министерството за култура.

Целта е заживување на тоа планинско село со 75 куќи, преку автентично реставрирање и конзервација на објектите со традиционални материјали (масивен камен) и со техники на старите мајстори на градителството.  Мапирани се најважните градби кои ја претставуваат споменичната целина и е составена листа на објекти со најстрог режим на заштита.

- Студијата ги лоцира можностите за инвестирање во ревитализацијата на овој регион и посочува конкретни активности, повеќе интервенции кои ќе придонесат кон ревитализацијата на овој регион. Во неа се содржани сите значајни податоци од аспект на техничките услови преку кои потенцијалниот инвеститор би се информирал за капацитетите на селото Гари како одржлива туристичка дестинација. Изработката на овој документ е значаен предуслов за развојот на културниот, планинскиот и рекреативниот туризам, како и за зачувување на традицијата и природните богатства, рече на прес-конференција министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Предвидени се различни содржини, сместувачки и угостителски капацитети, инфо-зони и изложбен простор, организирање  специјализирана летна школа за архитектонска конзервација на традиционалните куќи, како и практична обука, т.е непосредна конзервација на избрани гарски куќи со висок степен на автентична зачуваност, уредување на просторот сретсело и други помали (маалски) плоштади, ревитализација на црквата „Св. Богородица“, која е единствен верски објект...

Експертите вклучени во проектот истакнаа дека  селото има многу потенцијали, и во функција на целта тоа да заживее ќе биде и адаптација на некогашната килимара и на старата зграда на хидроцентралата, која е прво евидентирано индустриско културно наследство. Планирано е и изградба на 14.000 метри пешачки патеки околу селото со клупи и канделабри за посетителите да може да ја разгледаат природата и да ги посетат бачилата.

Според експертите, има реална основа Гари да се ревитализира, зашто е голем интересот на локалното население. Ниедна од 75-те куќи во Гари нема да се продава зашто неговите жители ја одржуваат традицијата на предците да не ги продаваат куќите и да ги остават во наследство. Во минатото селото било раселено и сега живее во два празника годишно - за зимски св. Јован и за летна Богородица. Тогаш доаѓаат и по 200 гости.

Целта е посетите да бидат во организирани тури и во Гари на еднодневни излети да доаѓаат   туристите од околните туристички центри, зашто има добар пат до селото. Според проценките на изработувачите на студијата, ќе има економска исплатливост и ако бидат пополнети само 30 отсто од куќите и само по едно легло. Веќе има и странски инвеститори заинтересирани да вложат и заедно да управуваат во туризмот, а со економскиот развој самото село ќе генерира работни места.

Вкупниот буџет за проектот „Култема“ е 88.000 евра, од кои 85 проценти се од ИПА-фондовите, а со 15 отсто учествува Министерството за култура. Физибилити-студијата е поставена на веб-страницата на Министерството и ќе биде доставена до Економскиот совет и до Комитетот за туризам, за да стигне до потенцијални инвеститори.