Македонија со амбициозна програма за претседавањето со ЦЕФТА

Креирање слободна трговска област и на конкуретна економска средина, интегрирање во глобалната економија и синергија меѓу ЦЕФТА Секретаријатот и Стратегијата за ЈИЕ 2020 година се четирите приоритети за време на македонското претседавање со ЦЕФТА оваа година.

За Македонија, како што денеска изјави министерот за економија Ваљон Сарачини, трговијата во рамки на ЦЕФТА земјите е значајна затоа што македонската трговија учествува со речиси 18 проценти од вкупната трговија.

- Ние и понатаму работиме на либерализација на трговијата, пред се за земјоделски производи, а потоа и за трговијата на услуги. Остана да се либерализира трговијата со Молдавија. Се работи за технички бариери. Поради изборниот процес не успеавме да ја либерализираме трговијата со земјоделски производи со Молдавија, а откако ќе се заврши тоа, трговијата во рамки на ЦЕФТА ќе биде целосно либерализирана, истакна Сарачини по денешната средба со претседателската на ЦЕФТА Секретаријатот Рената Витез.

Тој нагласи дека Македонија има поставено амбициозна програма за време на претседавањето со ЦЕФТА и најави оти во следниот период ќе се работи и на елиминирање на сите нетарифни бариери и на поедноставуавње на трговските процедури. Планирано е и промовирање на регионалната соработка во делот на правата на интелектуална сопственост и јавните набавки.

- Очекуваме дека ова ќе придонесе уште повеќе да се раздвижи трговијата меѓу ЦЕФТА земјите и да се зголеми извозот на Република Македонија во ЦЕФТА земјите, рече Сарачини.

На средбата со претставничката на ЦЕФТА Секретаријатот на која беа презентирани приоритетите за време на македонското претседавање, е разговарано и за потенцијалите и потребата од поблиска соработка меѓу владините структури и приватниот сектор.

- Претставниците на приватниот сектор се обврзаа до септември да достават предлози како да се работи на поединечни сектори таргетирано, за во следниот период да имаме подобри резултати, истакна Витез.

Македонија годинава е претседавач со ЦЕФТА.  Досега се одржани осум настани, а во јуни се планирани уште три настани на кои ќе се отворат многу прашања за подобрување на целокупната трговија во рамки на ЦЕФТА земјите. Во втората половина од годинава предвидени се дополнителни настани, кои ќе се одржат пред ЦЕФТА week, состанок со кој ќе раководи Република Македонија.