Хуманитарни активности за помош на Србија и БиХ

Македонија ќе организира голем хуманитарен концерт в четврток во  19:00 часот во салата „Борис Трајковски“ за помош на погодените од поплавите во Србија и Босна и Херцеговина.

Како што информира министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на денешната прес-конференција во Владата на концертот ќе настапат голем број од македонските естрадни ѕвезди, а картите по симболична цена од 150 денари веќе се пуштени во сите продажни места ширум Македонија.

Канчевска Милевска најави дека во наредниот период и сите институции од културата во Република Македонија ќе организираат хуманитарни концерти и претстави.

- Средствата од хуманитарниот концерт како и средствата кои се планира да се соберат од претставите кои ќе бидат реализирани и изведенни од нашите театари Македонската опера и балет, Македонската филхармонија ќе бидат префрлени на посебна жиро сметка во „Борис Трајковски“, а потоа ќе им се предадат на поплавените во Србија и БиХ. Македонија се има соочено со вакви проблеми и знае колкава е потребата од помош. Ве повикувам во рамките на можностите да помогнете, рече Канческа Милевска.

Таа се заблагодари на сите граѓани и институциите кои ја покажаа солидарноста и хуманоста и веќе донираа опрема и средства за поплавените во БиХ и Србија.

Прашана дали министрите размислуваат по една своја месечна плата да одвојат како  хуманитарна помош за настраданите во Србија и БиХ, министерката за култура  Канческа Милевска рече дека може да говори од свое име и додаде дека ќе донира една плата како хуманитарна помош.

- Се надевам дека и моите колеги ќе го сторат истото, но јас можам да зборувам само во лично име, рече Канческа Милевска.

Портпаролот на Владата Александар Ѓоргиев одговарајќи на прашање дали Владата ќе се откаже ДДВ од парите на специјалните линии на мобилните оператори за помош на настраданите во поплавите во Србија и БиХ, рече дека Владата на утрешната седница ќе донесе одлука сите собрани средства за таа намена заедно со ДДВ да бидат вкалкулирани за хуманитарната помш за Србија и БиХ. Тој посочи со новите измени во Законот постојат законски можности за акциите кои ќе се оцени дека се од јавен интерес, Министерството за правда да донесе одлука за ослободување од плаќање од ДДВ, но додаде дека поради итноста на оваа акција до Министерството не пристигнало барање за ослободување од ДДВ.