Осудуваме секаков говор на омраза, навреда и клевета

Во врска со изјавата на германската амбасадорка Гудрун Штајнакер дадена за дел од медиумите а која се однесува на нејзино прозивање на Владата на Република Македонија за наводно нереагирање на Владата  на присуство на говор на омраза, навреда и клевета насочени кон определени лица сакаме да го истакнеме следното.

Владата на Република Македонија го осудува говорот на омраза, исто како што ги осудува обидите за клевета и навреда, и тоа е став кој досега многупати сме го истакнале.

Во Република Македонија не постојат законски механизми низ кои што може да се реагира од страна на Владата по некаква службена должност во случаи на присуство на говор на омраза, навреда и клевета насочени кон трети лица или дипломати.

Уште еднаш потенцираме дека го осудуваме секој говор на омраза, и обиди за клевета и навреда, без разлика од која страна се изречени и кон кого се однесуваат. Таквите непромислени јавни настапи во кои постои присуство на говор на омраза, или пак обиди за навреда и клевета, прават штета на Република Македонија, и  лицата кои тоа го прават треба да знаат дека освен тоа што себеси се изложуваат на можност да бидат тужени и законски санкционирани, истовремено прават сериозна штета на угледот на државата и напорите за напредок. Владата на Република Македонија сака да истакне дека силно ги обесхрабрува ваквите јавни настапи независно дали доаѓаат од новинар или било кој граѓанин на Република Македонија.

Постои можност по службена должност јавното обвинителство да го покрене гонењето против ова дело, за кое Владата го охрабрува јавниот обвинител доколку постојат елементи на кривичното дело од член 181 од Кривичниот законик Повреда на угледот на странска држава, да постапи по службена должност.