Попоски: Има силни аргументи зошто Македонија треба што поскоро да биде дел од ЕУ

Понудивме силни аргументи зошто Македонија треба што поскоро да биде дел од ЕУ. Почнувањето на процесот на преговори за членство ќе помогне на целиот регион, бидејќи ќе испрати позитивен сигнал за неговата евроинтеграција, изјави за МИА министерот за надворешни работи Никола Попоски кој денеска учествуваше на конференцијата организирана од фондацијата „Пријатели на Европа и Конард Аденауер“.

Сметаме дека аргументите кои ги нуди Македонија во овие кризни моменти, како од аспект на одговорно менаџирање на макроекономските параметри, така и со константниот придонес кој го дава за задржување на стабилноста во регионот, нашата држава заслужува час поскоро да почне преговори со ЕУ. Се надевам дека нашиот јужен сосед ќе препознае можност за конструктивност и промоција на европскиот дух на соработка во регионот, рече Попоски.

На конференцијата панелистите упатија прашање и за очекувањата од Хашката пресуда, на што македонскиот министер Попоски одговори дека Македонија како одговорна членка на Обединетите Нации ќе ја почитува судската одлука и меѓународното право.

Попоски објасни дека тужбата против Грција е покрената со цел да се обезбеди правната сигурност која постоеше до април 2008 година, кога Грција направи грубо кршење на една одредба од Временската спогодба.