Министерот Попоски се сретна со Лук Кофи од Фондацијата „Херитиџ“

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска имаше средба со Лук Кофи, експерт за транс-атлантски односи и безбедност во Фондацијата „Херитиџ“ од Вашингтон.

Како што соопшти МНР, Попоски и Кофи размениле мислења за актуелни прашања во контекст на проширувањето на НАТО, при што биле нагласени очекувања за натамошна поддршка од САД за членството на Република Македонија во Алијансата, на претстојниот Самит што ќе се одржи во септември годинава во Велс, Обединетото Кралство.

Попоски го информирал Кофи за актуелните внатрешно-политички и економски процеси, со посебен акцент на надворешно-политичките приоритети на Македонија, членството во НАТО, и на севкупните реформи во контекст на интеграцијата на земјата во Европската унија.