Премиерот Груевски ја посети Гинеколошката болница во Ливерпул

Во рамките на посетата на Велика Британија, претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски денеска (вторник, 17 јуни 2014 година), како дел од заложбите на Владата за остварување на соработка со врвни медицински центри од повеќе специјалистички области, ја посети Гинеколошката болница во Ливерпул.

При посетата беше постигната согласност од страна на медицинскиот центар за обука на наши лекари во оваа болница.

Премиерот Груевски истакна дека Гинеколошката болница во Ливерпул е најголемата од тој вид во Англија, а воедно и најголема во Европа. Тој посочи дека се работи за врвен медицински и научен центар кој врши сериозни анализи и научни истражувања и токму затоа се договори соработка  за испраќање на македонски лекари во болницата во Ливерпул со цел изучување на најсовремените медицински методи. Во втората фаза се предвидува и доаѓање на доктори од болницата во Ливерпул во Македонија со цел да го пренесат своето знаење на македонските колеги.

Директорот на Гинеколошката болница во Ливерпул Мишел Турнер истакна дека болницата е една од најголемите и најреномираните во својата област и има одлична репутација. Таа посочи дека еден од водечките принципи на болницата е да се поддржат државите кои посветуваат внимание на развивање на гинеколошките процедури. Турнер посочи дека болницата која ја раководи во иднина ќе соработува и ќе помогне на Македонија во развивањето на медицински процедури преку обука на доктори и останат медицински персонал.

Менаџментот на болницата го запозна премиерот Груевски со перформансите на Гинеколошката болница чиј значаен дел од интересот на работа е примена на најсовремените методи за лекување и развој на медицинската наука во сферата на гинекологијата. Во болницата годишно се пораѓаат над 8 000 бебиња и се изведуваат над 10 000 гинеколошки процедури и операции. Неонаталошкиот оддел е еден од најдобрите во Велика Британија, а се вршат по 6 инвитро процедури дневно. Оваа болница поседува врвна лабораторија за генетски истражувања. За сите овие области се планира испраќање на доктори за усовршување.