Инвестиција од 40 милиони евра во комплексот РЕМ во Тетово

Околу 40 милиони евра е инвестицијата во повеќенаменскиот комплекс РЕМ, со хотел, станбени единици и трговски центар,  што беше отворен денеска во Тетово. Целокупната инвестиција е на компанијата РЕНОВА и со него се предвидува отворање на 250 нови работни места.

РЕМ комплексот се состои од трговски центар од 12.000 метри квадратни,  луксузен хотел со 5 звезди на 12 ката, панорамски ресторан на најгорниот кат од хотелот, 146 станови и 400 паркинг места, на вкупна изградена површина од 60.000 метри квадратни.Денеска беше во употреба трговскиот центар РЕМ мол, а сопствениците, семејството Идризи, најавуваат дека за кратко време во употреба ќе бидат пуштени и хотелот и станбените единици.

Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски,  сите економски политики што се прават во Владата и коалицијате се за да резултираат во вакви инвестиции.

- Реформите што се преземаат во економската област покажуваат дека сме на вистински пат само со отворање на нови вакви слични објекти. Очекувам дека овој објект кој е правен според најсовремените светски стандарди ќе претставува гордост на семејството Идризи и на целиот град и дека на нив многу скоро ќе им се врати инвестицијата. Ова е уште еден придонес и во рамномерниот економски развој во државата а новите вработувања ќе имаат пошироко влијание на подобрувањето на состојбите и во регионот и во државата, изјави вицепремиерот Пешевски.

Генералниот директор и инвеститор Шефки Идризи нагласи дека со изградбата на објектот сакале да дадат голем придонес за развивање и на локално и на регионално ниво.

- Во услови на светска криза покажавме дека можеме да менаџираме и со вакви капитални инвестиции и проекти. Ваков објект им недостасуваше и на граѓаните и на градот Тетово, рече Идризи.

Во рамки на  трговскиот центар, свои продажни објекти ќе имаат повеќе интернационални и домашни брендови, како што се супермаркетот Карфур, италијанскиот моден ланец Групо Фјори, како и Мега Фешн, играчница Аркадиа, Екстрим Интимо,Офис Плус, Пенти,Ламас и Џовани, Мат Стар, Кимико, Топ Шоп, Анхоч,....... Сопствениците планираат да се отвори и ексклузивен ресторан, а за најмладите детска игротека „Киндерленд“.