Премиерот Никола Груевски го посети најголемиот онколошки центар во Европа

На крајот од работната посета на Велика Британија, претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 18 јуни 2014 година) во Манчестер, го посети медицинскиот центар Кристи кој преставува најголем онколошки центар во Европа и една од најнапредните болници за третирање и рано откривање на канцер.

Премиерот Груевски оствари средба со раководството на болницата како дел од заложбите на Владата за остварување на соработка со врвни медицински центри и размена на медицински персонал со цел унапредување на знаењата и зголемување на искуството.

При посетата беше постигната согласност од страна на медицинскиот центар за обука на наши лекари во оваа болница.

Премиерот Груевски истакна дека медицинскиот центар Кристи е државна болница која е позната по рано откривање и третман на канцер. Тој посочи дека договорена е соработка во насока на обука на македонските лекари користејќи ги најсовремените методи, пред се за третман на канцер, но и изучување на останатите современи медицински методи со што ќе биде возможна соработка и во другите полиња. Премиерот Груевски истакна дека болницата има 40 илјади пациенти годишно и важи за еден од најнапредните медицински центри во Англија за третман на канцер во која се лекуваат пациенти од цела држава, но и од странство. Премиерот Груевски посочи дека се работи за една од најнапредните болници што се гледа и во високиот процент на преживување на пациенти споредено со другите болници. Тој истакна дека менаџментот на болницата изразил согласност во иднина лекари и медицински персонал од Македонија да  престојуваат и работат во оваа болница онолку време колку што е потребно за да ги изучат современите методи, како за откривање, така и за третман на пациенти заболени од канцер.

Директорот на медицинскиот центар Кристи од Манчестер, г-дин Роџер Спенсер, истакна дека болницата има долга историја на грижа за пациенти заболени од рак и на тоа поле ги има едни од најдобрите резултати. Болницата освен со лекување се занимава и со научно истражување на нови методи во борбата против канцерот, користејќи ја најновата технологија. Тој посочи дека медицинскиот центар е подготвен да понуди пренесување на знаењата во онкологијата, како и да се стават на располагање образовните можности користејќи ги најновите медицински методи. Г-дин Спенсер истакна дека ова е добра можност за соработка и размена на медицински персонал во функција на напредок и користење на можностите кои стојат на располагање.