Груевски: Уште 30 нови странски инвестиции со 10.000 директни работни места

Најмалку триесетина нови странски инвестиции во слободните и индустриските зони, кои ќе креираат над 10.000 директни работни места, очекува мандатарот Никола Груевски во наредните четири години.

При презентацијата на Предлог-владината програма за периодот 2014-2018 година Груевски истакна дека се очекува раст на извозот од околу 10 проценти и раст на увозот од околу 8 проценти годишно.

- Ќе има и нови мерки со цел македонските компании да се вклучат како добавувачи на мултинационалните компании во Македонија. Поттикнувањето нов инвестициски циклус на фирмите и реализацијата на инвестициите во градежништвото ќе значи дополнителен стимул за економијата,  нагласи мандатарот.

Владата, посочи, очекува засилување на приливот на странските директни инвестиции.

- Нивното ниво очекуваме да се движи помеѓу 350 и 430 милиони евра годишно до 2015 година и помеѓу 490 и 550 милиони евра годишно до 2018 година, под услов да не се случи некој нов надворешен шок, рече  Груевски.