Груевски: Членството во ЕУ и НАТО остануваат врвни приоритети во надворешната политика

Пристапувањето на Република Македонија во НАТО и отпочнување на преговорите за членство во Европската унија, како и зачленувањето во Унијата остануваат врвни приоритети во надворешната политика и на новиот владин состав, истакна мандатарот Никола Груевски при презентацијата на Предлог-владината програма за периодот 2014-2018 година.

- Приоритети во надворешната политика се: членство во НАТО, отпочнување на преговорите за членство во Европската унија и зачленување во ЕУ, унапредување на постојните стратешки партнерства како и засновање нови, надминување на наметнатиот спор од Грција, а во врска со уставното име на Република Македонија, продлабочување на меѓусоседските односи и регионалната соработка во Југоисточна Европа, промоција на македонските економски интереси во странство, засилување на економската и јавната дипломатија и засилување на врските на Македонија со дијаспората и заедничка соработка за националните и државните интереси. Критериумите од Копенхаген остануваат наша цврста определба на патот кон членството во Европската Унија, каде природно припаѓаме. Продолжуваме да бидеме фокусирани и на усвојување на законодавството на ЕУ и негово спроведување, подвлече Груевски.

Во однос на политичкиот спор, кој Грција го наметна за уставното име на нашата земја, Владата, потенцира Груевски, е подговтена да го продолжи грчко-македонскиот дијалог врз основа на веќе утврдената стратегија и принципи.

- Владата нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија и нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик. Владата нема да дозволи кое било решение за спорот, кој го наметна Грција да биде прифатено без претходно за тоа да се изјаснат граѓаните на референдум, а при тоа мнозинството од граѓани кои ќе излезат на референдум да се согласат со можното решение, рече мандатарот Груевски во своето експозе пред Парламентот.