Попоски учествуваше на министерскиот состанок на Северно-атлантскиот совет во Брисел

Денес, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, во седиштето на НАТО во Брисел учествуваше на министерскиот состанок на Северно-атлантскиот совет.

Во оваа прилика министрите за надворешни работи на земјите кои учествуваат во ИСАФ мисијата разговараа за политичко безбедносната состојба во Авганистан по одржаниот втор круг на претседателските избори како и за идниот ангажман на Алијансата и партнерите во Авганистан по 2014 година.

Министерот Попоски се заложи за оддржлива и консолидирана демократија во Авганистан а со тоа и елиминирање на изворот на нестабилност. “Ја разбираме потребата од продолжено присуство во земјата и после завршувањето на ИСАФ Мисијата оваа година а важноста од искористување на моментумот е од витално значење”, потенцираше Попоски.

“И ние и Генералниот Секретар Расмунсен знаеме дека противењето на Грција е во сила од 2008 година. Не постојат механизми како земја членка на НАТО да се наведе на почитувањето на меѓународно правните обврски. Оттука најкултурен начин, се чини, е да се одбегне едно многу непријатно прашање за Грција. Нашиот ангажман во Авганистан продолжува и тоа е најголемиот доказ за сериозноста на Македонија како рамноправен партнер со земјите членки на НАТО семејството и за апсурдноста на блокадите како политичко оружје”, истакна министерот Попоски. 

На маргините на состанокот Попоски оствари повеќе неформални разговори со свои колеги министри.