Состанок на Меѓународниот управен комитет на Декадата на Ромите


Во организација на Владата на Република Македонија денеска во Скопје започна 21. Меѓународен управен комитет - Декада за вклучување на Ромите 2005-2015“, на кој се разговара за можностите за унапредување на состојбата на Ромите, за декадните национални планови и стратегии и досега преземените активности.


Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски истакна дека вкклучувањето на Македонија во меѓународната иницијатива Декада за вклучување на Ромите е израз на нејзината волја  и подготвеност да го намали постојниот јаз меѓу ромската заедница и останатто население и да промовира вистинско мултикултурно општество.


Овој управен комитет за прв пат се одржува во Македонија и тоа во периодот кога Македонија го презема претседавањето со Декадата за Ромите.


- Во целокупното општествено живеење во Македонија Ромите имаат значајна улога и ние како Влада ќе направиме се да ја подобриме нивната состојба, намалувајќи ги сите негативни последици од нивното општествено функционирање, вклучувајќи ги сите асоцијални појави, но ќе работиме и на подобрување на економската состојба за да се избегнат сите вештачки состојби на барање азил. Тоа значи дека ќе работиме  на нивно целосно вклучување во општествените текови, рече министерот Ристовски.


Невладините организации, согласно нивните искуства од теренот, сметаат оти решение за унапредување на состојбата на Ромите  е нивната едукација и образование. Истакнуваат, оти имаат добра соработка со соодветните надлежни институции, која веќе дава резултати.


Најголем приоритет, вели Љатифе Шиковска од НВО „Амбрела“ треба да му се даде на образованието на Ромите, од вклучување на дечињата Роми во предшколските установи, потоа во основното, средното и високото образование.


- Сметаме дека образованието и едукацијата се едни од најважните области. Фокусот треба да биде ставен тука. Само преку образование може да се интегрираме во општеството, а со тоа и да си го подобриме нашиот живот, вели таа.


Според неа, важно е и да се запишат во матичната евиденција сите Роми кои досега не биле евидентирани, со цел, како што рече, и да можат да се вклучат во општеството, во образованието, но и да остварат права од повеќе сфери.


Мабера Камбери од МТСП истакна дека покрај останатите преземени активности во Македонија во тек се проекти за инклузија на децата Роми во градинките.


- Со отпочнувањето на процесот на декадата првпат се подготвуваат посебни програми и проекти наменети за ромската популација. Во рамки на проектот за вклучување на Ромите во предучилишно образование, 1.000 ромски дека бесплатно посетуваат градинки во мешани групи, рече таа.


Министерот Ристовски посочи дека инклузијата на децата Роми во предучилишните установи е прв стратешки проект преку кој треба да се обезбеди нивно дополнително вклучување во основно и средно образование.


- Исто така се врши стипендирање на децата Роми во средното образование, во тек е реализацијата на проектот за условени парични трансфери каде на социјално загрозените семејства, кои воглавно се ромски, им се доделуваат дополнителни средства ако нивните деца редовно посетуваат настава. Истовремено заедно со МВР работиме на проект за упис во матичните евиденции на лица кои кои не се запишани, а во тек е и акцијата за стопирање на експлоатација на детскиот труд, рече министерот за труд и социјална политика.


Овој 21. Меѓународен управен комитет - Декада за вклучување на Ромите 2005-2015, се одржува во Македонија во рамки на нејзиното претседавање со Декадата, кое го презеде на 1 јули годинава. Претседавањето ќе заврши на 30 јуни 2012 година.