Во Рим средба на министерот Јолевски со неговата колешка Пиноти

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски денеска во рамки на посетата на Рим оствари средба со министерката за одбрана на Италија, Роберта Пиноти и сенаторот Никола Латоре, претседател на Комисијата за одбрана во Сенатот на Италија.

На средбите, соопшти денеска МО, Јолевски ги презентирал аргументите зошто Република Македонија заслужува да биде поканета во НАТО, а се осврнал и на фактот дека Македонија ги исполнува условите за отпочнување преговори за членство во ЕУ.

Министерот Јолевски на средбите со министерката Пиноти и со сенаторот Латоре посочил дека членството на Македонија, но и на Црна Гора во НАТО ќе придонесат за натамошно зајакнување на стабилноста на целиот регион и на Европа. Како што соопшти МО, на овие средби биле разменети мислења и за развојот на настаните на Блискиот Исток, особено за операциите на ИСИС и потребата за стабилизирање на овој регион. Министерката Пиноти и сенаторот Латоре истакнале дека очекуваат овој конфликт да потрае подолго и ја потенцирале потребата за меѓународна соработка за справување со овој предизвик за безбедноста.

Сенаторот Латоре истакнал дека Италија отсекогаш го поддржувала интегрирањето на регионот, особено на Република Македонија во ЕУ и НАТО. Еден од приоритетите на Италија за време на Претседателството со Европската унија во областа на одбранбената политика, стои во соопштението, е воспоставување европски одбранбени сили и интегрирањето на земјите од Западен Балкан во НАТО и ЕУ.

На средбата, сенаторот посочил дека Италија останува активен поддржувач на аспирациите на Република Македонија да стане членка на Севернотатлантската Алијанса и на Европската унија. Искажал и благодарност за учеството на македонските мировници во ИСАФ мисијата.

- Италија ќе продолжи со конкретна поддршка на обуката на припадниците на АРМ и нејзината модернизација, рекол сенаторот на средбата со министерот Јолевски.