Министерот Спасов пушти во употреба нова градинка во Ѓорче Петров

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов  и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Сокол Митровски денеска го пуштија во употреба новиот објект за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст во состав на ЈОУДГ „Росица“ во општина Ѓорче Петров.

Во своето обраќање пред присутните министерот Спасов рече дека градинката е  реализација на проект кој е предизборно ветување на Владата на Република Македонија и за него министерството одвоило околу четири милиони денари.

- Владата на Република Македонија е насочена кон создавање на нови капацитети, нови детски градинки во сите општини во Македонија, а особено во руралните делови од државата. Со особен фокус сме насочени во општините во градот Скопје каде што побарувачката е многу поголема, каде родителите имаа желба да ги сместат своите деца во градинките а нема доволно капацитети и токму поради тоа ќе бидеме насочени кон создавање на нови објекти, истакна Спасов. 

Тој најави отворање нов објект во општината, односно во населбата Волково за кој, подвлече, се уште се во прегорвори со сопствениците на објектот и дека многу лесно и брзо ќе се преадатптира во градинка.

Градоначалникот Митровски потсети дека општината заедно со Министерството за труд и социјална политика досега имаат реализирано повеќе вакви проекти, како што се градинката во населбата „Даме Груев“ со капацитет за 300 деца, како и други проширувања на градинки како клонови на постоечките.

- Денеска од еден руиниран објект, направивме градинка која е за респект и почитување со сите стандарди. Тоа што го нуди градинката претставува една од најмодерните и нјасовремените градинки во општината Ѓорче Петров, рече Митровски.

Во новиот клон „Рипчиња“ ќе се згрижат 50 дечиња од предшколска возраст. Вкупна корисна површина на градинката која има две занимални, работни простории , дистрибутивна кујна, и нови санитарни јазли изнесува 202 м2 со сопствено парно. Дворот е опремен со различни едукативни реквизити за деца од предучилишна возраст.